Кампањата за претседателксите избори влегува во финишот – кандидатите со иста цел и со различни планови за иднината

Кампањата за претседателксите избори влегува во финишот – кандидатите со иста цел и со различни планови за иднината

Уште четири дена за претставување на претседателските кандидати и нивните програми. На што се фокусираа претендентите за шеф на државата во изминатите две недели?

Влез во Европската Унија, ветинг на функционерите, засилена борба против криминалот и корупцијата. Стево Пендаровски кој довербата ја бара под слоганот „Нашиот претседател“ вели дека во последните пет години ја вратиле слободата и демократијата и издрадиле еднакво општество.

„Јас во моите пет години се трудев никого да не поделам по ниту една основа. За мене и сиромавиот и богатиот се исти. Јас ги делам луѓето на две групи: луѓе и не луѓе. Ние сме избрани да работиме за вас, а не за провизии и за тендери и за разно разни криминали. Затоа мислам дека во изминатите пет години покажав како еден претседател може да се нарекува претседател на сите, не само на хартија, туку во пракса“, изјави Пендаровски.

Правна држава со силни институции, преговори со Европската унија без да бидеме понижени, да не дозволиме нестандардни услови за Македонија во евроинтегративниот процес и дека нема преговарање надвор без консултации дома – кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ Силјановска Давкова како претседателка би им порачала на европските челници дека Македонија е дел од Европа историски, геогравски, културно, и треба да не почитуваат исто како што ги почитуваат другите земји членки и кандидати.

Нема гордост без национални и државни интереси. Македонија не треба само да молчи пред европските челници за нестандардните услови на патот кон ЕУ, туку треба да не почитуваат исто како што ги почитуваат другите земји членки и кандидати. Таа посочи и дека актуелната власт не ужива углед. Затоа овие луѓе не уживаат углед и не може да ја претставуваат Македонија, не само добро, а камоли подобро и затоа Македонија не може на нив да биде горда – рече Силјановска Давкова.

Македонија мора да биде стабилна и безбедна држава, и затоа командантот на вооружените сили мора да е човек на кој може да му се верува. Според кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски во вакви тешки времиња мора да имаме доволно оружје и муниција но и резерви на храна. Како претседател рече дека ќе се залага за реформи во судството, подобра инфраструктура, вложување во туризмот…

Мoже Македонија и Европа да ги зафати еден воен вител и затоа мора да бидеме максимално одговорни. Мојот апел како иден претседател на република македонија веднаш да се набавува оружје и муниција, веднаш да се зголеми сточниот фонд и производството на храна, да работи конзервната индустрија, да се обезбеди храна за живината за целата стока затоа што ако дојде до една сериозна војна на тло на европа тоа значи дека ќе бидат затворени сите граници – рече Јакимовски

Кандидатот на ДУИ и Коалицијата, кој во битка за Вила Водно влезе под слоганот „Европски претседател“ најавува уривање на таканаречената тврдина од етнички монополи.

Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија, истакна Османи.

Билјана Ванковска најмногу се залага за носење на нов граѓански устав, влез во БРИКС и излез од НАТО. Во нејзината кампања често пати може да се слушне дека Македонија тонела во таканаречениот Бермудски триаголник на Рамковниот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија.

Ние не можеме да веруваме дека ЕУ е трајно нешто. Таа се менува. Во Германија, јавноста веќе притиска за излегување од ЕУ. Јас сум за трезвено гледање на работите. ЕУ менторството е во ред, но не да бидат владетели во оваа држава. НАТО го ветуваа како економска бонаца, ќе бидеме безбедна дестинација… Само за овие неколку години, за воена опрема и оружје имаме потрошено повеќе од 34 пати во сума, во пари, за да покажеме колку сме лојални, притоа одземајќи од социјалните потреби на граѓаните. Нашата алтернатива е воена неутралност. Ја не сакам Македонија да биде ничиј геополитички плен, изјави Ванковска.

Кандидатот на Вреди вети затворање на сите казина и обложувалници, на оние кои земале брзи кредити ќе им се простат долговите. Исто како Османи, бара претседателот да се бира во Собрание и уставни измени во првите шест месеци по формирањето на новата влада.

Во Македонија граѓаните трошат околу 1,7 милиони евра дневно во игри на среќа. Овие пари ги полнат џебовите  на руските и српските олигарси а преку нив и на моќниците од ДУИ. Болеста наречена игри на среќа ја инсталира и промовираше ДУИ на секој чекор во нашите населби. Оваа болест кој се симболизира со лотаријата на Артан Груби, ги уништува нашите семејства, го уништува нашето општество, рече Таравари.

Тајната на успехот и Македонија конечно да оди напред е обединувањето, но не само на граѓаните туку и на власта и опозицијата. Максим Димитриевски кој се залага Македонија на влезе во ЕУ но со крената глава, а не понижена, смета дека е потребно граѓаните да изберат лидер, татко на нацијата, со интегритет, кредибилитет и карактер.

Не има грст народ овде, и доста е од поделби. Доста се делиме. Ни треба обединување, на Македонија и треба обединител. Македонија нека гласа за другар, соговорник, соборец претседател. Мора да продолжиме на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, бидејќи мора да влеземе во Европската унија со крената глава како Македонци и како засебна нација, како што била и како што е во моментот по основните заложби на Крушевскиот манифест. Се одважив, влегов во оваа битка за иден претседател на државата затоа што сметам дека Македонија заслужува претседател од граѓаните, со граѓаните и за граѓаните. И затоа мојот приоритет во иднина ќе бидат единствено граѓаните – порача претседателскиот кандидат на „ЗНАМ за наша Македонија“, Максим Димитриевски.

Кампањата завршува на 22 април кога треба да започне предизборниот молк во очи на првиот круг на претседателските избори на 24 април во среда.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста