Ако можеме да се пофалиме дека одлично правиме нешто, тоа е дека сме рекордери по фрлање ѓубре. За тоа сведочат дивите депонии покрај реките, одводните канали, ледините, доловите, непосредно до парковите и до земјоделските посеви. Статистичките податоци покажуваат дека од година на година, количеството комунален отпад што го создаваат домаќинствата и компаниите се зголемува, а нема решение што со него.

Токму според ѓубрето што го создаваме, ние сме рамо до рамо со Европејците и можеме да станеме полноправна членка на Европската Унија според овој неславен параметар.

Годишното количество создаден комунален отпад на жител во 2023 година, во Македонија, изнесувало 503 килограми, покажаа најновите податоци на Државниот завод за статистика, односно вкупното количество собран комунален отпад во земјава изнесувало 878.303 тони. Споредено со 2022 година, вкупното количество собран комунален отпад во 2023 година бележело зголемување од 7,7 % во однос на 2022 година.

А, секој Европеец годишно создава по 513 килограми комунален отпад, што значи дека Македонија е конкурентна со европските земји. Но, кај нас, состојбата со селекцијата на отпадот е многу поразлична, затоа што огромен процент од ѓубрето завршува на депониите, односно 99,8 % од собраниот комунален отпад се исфрла на депониите.

Зголемувањето на количеството отпад се должи на зголемениот број населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад. Најголемо количество собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 169.515 тони или 27,3 % од вкупното собрано количество.

Вкупно 507.138 тони или 82 % се собрани од домаќинствата, а другите 18 % од правните и од физичките лица (комерцијален отпад). Според видовите отпад, најголемо количество собран отпад е измешаниот комунален отпад – 531.033 тони или 85,4 %, а најмало количество има од отпадот од гума – 1.301 тон или 0,2 % од вкупното количество собран комунален отпад.

Македонија со години наназад има огромни тешкотии за да воспостави ефикасен систем за управување со отпадот, преку изградба на регионални депонии според стандардите на ЕУ, зголемување на процентот на селектиран отпад и изградба соодветни фабрички погони за рециклирање на ѓубрето. Годишно, над 25.000 тони отпад од пакување се целосно надвор од системот за селектирање и рециклирање. Иако овој тип ѓубре има свои газди, односно фирми, кои според Законот за управување со пакување и отпад од пакување мора да се грижат да биде селектиран, собран, обработен и рециклиран, непознат број фирми воопшто не плаќаат за оваа намена.

Овие податоци покажуваат дека во текот на годините, состојбата со управувањето со отпадот се влошува во речиси сите региони во Македонија. За изградба на современа депонија за одлагање на отпадот на своја територија, на секој од планските региони во државава, според некои пресметки, му се потребни над 30 милиони евра. Тука е и фактот што во развиените земји, оној што го создава отпадот треба и да плати за тоа, а кај нас, во повеќето општини, за одлагање на отпадот за граѓаните и за компаниите цените не се коригирани повеќе од 15 години.

Поранешниот премиер Зоран Заев, во 2021 година, најави дека е на повидок решение за отпадот во земјава. Тој тогаш најави инвеститор од Луксембург, со кој се преговарало за отворање фабрика во селото Дуброво, Општина Неготино, за согорување комунален отпад од 48 општини, со користење плазма технологија, без кислородно согорување на високи температури, за добивање електрична енергија. Дел од екологистите тогаш ја поздравија инвестицијата доколку се реализира, но дел беа скептични. Опозицијата сметаше дека најавената фабрика за согорување отпад во Неготино ќе претставува опасност од загадување на Тиквешкиот Регион.

Оттогаш досега, никој ништо не споменал за најавената инвестиција.

Од Обединетите нации имаат препораки со амбициозни цели, кои треба да се исполнат на глобално ниво, а тоа важи и за Македонија во поглед на намалување на количеството отпад. Оттаму велат дека до 2030 година треба да се преполови отпадот од храна по глава на жител на глобално ниво во малопродажбата, како и на ниво на потрошувачи и да се намали загубата на храна во текот на производството и синџирот на снабдување, вклучително и загубите по бербата. Исто така, до 2030 година значително да се намали создавањето отпад преку спречување, намалување, рециклирање и повторна употреба.

(С.Бл.)