1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таравари: И во претседателска трка со Хипократова заклетва

16 април 2024

Портрет Арбен Таравари, претседателски кандидат на опозициската коалиција „Вреди“: За него европскиот пат е „пред сѐ и над сѐ“. Убеден е дека „многу скоро“ ќе има решение за уставните измени.

https://p.dw.com/p/4ekCP
Арбен Таравари „Вреди“ Македонија
Арбен Таравари, претседателски кандидат на опозициската коалиција „Вреди“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кога станал лекар се обврзал со Хипократовата заклетва дека во извршувањето на неговата професија нема да влијае религијата, националноста, расата, политиката или класните припадности. Со истата заклетва влегува и во претседателската трка, бидејќи таа ја изразувала и суштината и задачата што еден претседател треба да ја има кон сите граѓани.

Арбен Таравари (51) градоначалник во втор мандат, се родил и израснал во Гостивар, во мултетничка средина каде живееле Албанци, Турци, Македонци и Роми. Смета дека со неговиот избор се создава можност различностите во земјата да се претворат во уметност на соживотот и хармонијата.

Со сопругата и двата сина 18 години живеат во Скопје, но заради градоначалничката функција неговите денови поминуваат во Гостивар. И покрај обврските во општината, еден ден од работната седмица го посветува на пациентите на Клиниката во Скопје, иако многу доаѓале по лекарски совет и во општинската зграда. Таравари е реномиран и почитуван невролог и надвор од РСМ, чија специјалност се проблеми со невродегенерација - Паркинсонова болест, деменции, главоболки и мигрени. Ако стане претседател ветува дека и понатаму еден ден во неделата ќе посветува на пациентите. Исто го правел и кога бил министер за здравство.

Пристапувањето кон опозициските партии на Албанците во Коалицијата „Вреди“, го смета за револуционерен чин кој води кон промени, бидејќи тие се случиле во македонскиот блок неколку пати, но во албанскиот блок ниту еднаш за две децении. Не се исплаши од куршумот што веднаш потоа му беше оставен пред неговиот дом. Ниту му се лути на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, за изјавата дека „Таравари не е клучен за иднината на државата“, во контекст дека не може европската интеграција на државата да зависи од тоа дали Таравари преминал од власт во опозиција.

И за Таравари европскиот пат е „пред сѐ и над сѐ“, единствен пат кон стабилност и одржлив развој на земјата и тој не сака да се повтори реприза на 2008 година, кога по неуспехот да стане дел од НАТО земјата чекаше уште 10 години. Но, смета дека и во 2022 сѐ можело да биде поинаку, доколку процесот на носење на францускиот предлог бил потранспарентен и поинклузивен.   

Неговата изборна платформа се темели на четири столба: Северна Македонија интегрирана во регионот и во Европа, Северна Македонија производител на безбедност, Северна Македонија правна држава и Северна Македонија консензуална демократија.

Ќе бара гаранции од високиот претставник на ЕУ дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Македонија надвор од преговарачката рамка од 2022 година. Од мандатарот за формирање влада ќе бара временски ограничен рок за спроведување на уставните измени, кој според Таравари не треба да биде повеќе од шест месеци. Убеден е дека „многу скоро“ ќе има решение за уставните измени и дека сите земји од Западен Балкан најдоцна до 2030 година ќе бидат во ЕУ.

Ќе му предложи на Собранието - РСМ веднаш да излезе од иницијативата „Отворен Балкан“ и ќе се заложи за целосно усогласување на државната со политиката на ЕУ, особено во однос на санкциите против Русија.

Загрижен е од процесот на иселување на младите и од растечката корупција и криминал. Сака да ги мотивира луѓето да се вратат во земјата, но да се вратат и во селата, да ги живнат, да ја искористат плодната земја за производство. Лично тој се враќа кон Уставот од 1984 година, во кој, според него, некои работи биле полиберални отколку со денешниот „крпен Устав“ и сака да се отвори дебата на таа тема. Особено во сегментот на децентрализација, каде според него на земјата и требаат 20 до 30 функционални општини, наместо сегашните 80 од кои 60 се нефункционални. Сугерира дека во следните 5-10 години треба да се размислува и разговара за граѓански Устав, кој ќе биде функционален и прифатлив за сите, и од кој никого повеќе нема да „го боли глава“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи