Лазаров по фијаското: Нема да губиме надеж, но ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш досега

Селекторот Кире Лазаров имаше причина за разочараност по катастрофалното издание на македонската репрезентација и поразот од седум гола на првиот бараж дуел со Фарските острови.

Тој му честиташе на противникот на заслужениот триумф, не криејќи дека е изненаден што домаќините на речиси идентичен начин ги завршуваа своите акции иако Македонија била подготвена за нивните напади.

„Фарски Острови беше подобар противник на вчерашниот натпревар и заслужено победи. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад каде бевме приморани да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа“, вели Лазаров.

За недела е закажан реваншот во Скопје, а македонскиот селектор не губи верба дека нашите ракометари можат да стигнат до „плус осум“ и билет за СП 2025.

„Нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анлуираме негативата од седум гола. Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш до сега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход во недела“, порачува Кире Лазаров.

Се вчитува...