СДА Македонија: Геноцидот во Сребреница е факт – кои се позициите на ВМРО-ДПМНЕ за Резолуцијата?

од Nikola Popovski

Веќе подолг период Иван Стоиљковиќ, коалициски партнер на ДПМНЕ, во јавноста изнесува ставови кои се проблематични во едно општество, кое себе си се нарекува демократско и претставуваат еден антицивилизациски чин. Последниот скандалозен став во низата е вчерашниот на Стоиљковиќ со кој повторно го релативизира геноцидот во Сребреница. Ништо ново, посебно ако ги земете неговите ставови и за агресијата на Русија врз Украина, како и неговите ставови на линија политиката на Додик и Вулин, за промена на границите на државите на Западен Балкан, велат од партијата СДА Македонија во однос на најавената Резолуција за геноцидот во Сребреница.

Од партијата прашуваат дали ВМРО – ДПМНЕ, како стожерна партија во коалицијата со Иван Стоиљковиќ, ги споделува „неговите антицивилизациски позиции?“.

-Кој се позициите на Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска Давкова за резолуцијата за Сребреница во ОН, а за која нашето МНР вчера објави и дека Северна Македонија ќе биде коспонзор, заедно со САД и Германија? Геноцидот во Сребреница е факт. Негирањето на геноцидот е неприфатливо во едно демократско општество и претставува антицивилизациски чин. Геноцидот во Сребреница беше потврден со судска пресуда на меѓународниот суд во Хаг, како единствен геноцид на европско тло по Втората светска војна, истакнуваат од СДА.

Уште на 4 февруари 2010 година, Собранието на Северна Македонија усвои декларација за поддршка на Резолуцијата за сребреница на Европскиот парламент. Декларацијата го осудува геноцидот над повеќе од 8000 Бошњаци од овој босански град.

-Оваа дебата која се обидува да ја отвори Стоиљковиќ околу релативизирањето на геноцидот во Сребреница е завршена уште во 2010 година, кога мнозинство во парламентот на Македонија имало ВМРО-ДПМНЕ. Европскиот парламент уште порано го прогласи 11 јули за ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Геноцидот во Сребреница веќе е дел од институционалната меморија на ЕУ, САД, Канада, Велика Британија, Германија… на сите држави каде демократските вредности и почитувањето на човековите права е составен дел од нивните системи, а сега останува да се заокружи и во ОН, на почеток на следниот месец.

Институционализирано сеќавање на жртвите од геноцидот на Сребреница е важно затоа што уште постојат радикални иделогии и деструктивни политики, кои го негираат геноцидот. Негирањето на геноцидот е последна фаза на самиот геноцид. Оние кои го негираат геноцидот даваат свој труд во злосторството кое го смислиле и реализирале најболните умови. Важно е да се сеќаваме за на никого да не му се случи геноцид повторно, посочуваат во соопштението од СДА Македонија.

Слични содржини