ВЕСТИСВЕТ

(ВИДЕО) Голема поплава во Русија: Нивото на водата брзо се зголемува

Нивото на реките во делови од рускиот Урал и југозападен Сибир продолжуваат брзо да се зголемуваат, поплавувајќи стотици домови, соопштија денеска властите. Прекината е електричната енергија, а населението е итно евакуирано.

Повеќе од 300 куќи и речиси 700 станбени парцели се поплавени во руската област Курган, која се протега преку реката Тобол во близина на границата со Казахстан, соопшти денеска руското Министерство за вонредни ситуации.

„Нивото на водата во реката Тобол рапидно се зголемува“, соопшти Министерството преку апликацијата за пораки Телеграм.

Снема струја во градот Курган, административен центар на регионот, погодувајќи околу 1 500 жители, соопштија локалните власти во понеделникот вечерта.

Вадим Шумков, гувернер на Курганската Област, рече дека очекува многу тешка ситуација бидејќи нивото на водата на Тобола може да се искачи до 11 метри или речиси двојно повеќе од нивото на излевање од коритото на некои места.

Жителите на Ишим, град со 65 000 жители во областа Тјумен во југозападен Сибир, на границата со Казахстан, во вторникот наутро беа повикани да се евакуираат поради критичното зголемување на нивото на водата на реката Ишим што тече низ градот.

Гувернерот на регионот предупреди во понеделникот вечерта дека водостојот на реките во регионот може да достигне рекордни вредности во наредните денови.

Рускиот јужен регион Урал, југозападен Сибир и северен Казахстан се борат со нивните најголеми поплави, откако обилните снежни врнежи брзо се стопија во услови на силен дожд на копното веќе натопено пред зимата.

До понеделник вечер надојдените притоки на седмиот најдолг речен систем во светот поради топењето на снегот принудија повеќе од 125 000 луѓе да ги напуштат своите домови.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button