​Основците од село Драчево ќе добијат ново училиште на два ката

47

​Основците од село Драчево ќе добијат нов објект за ООУ „Св.Климент Охридски”.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска го потпиша договорот со најповолниот понудувач на распишаниот јавен повик за  изградба на нов училишен објект за ООУ „Св.Климент Охридски” во село Драчево.

Од Општина Кисела Вода информираат дека со тоа се исполнети условите за почеток на градба на новото училиште кое ќе има капацитет за 570 ученици, а ќе се протега на 3.592 квадратни метри. За две години, колку што предвидува договорот, основците од Драчево ќе добијат современ објект на два ката, кој во цeлост ќе одговара на потребите за квалитетен образовен процес.

– Училиштето „Св.Климент Охридски” кое постои во селото Драчево за сите нас има голема сентиментална вредност, но децениите постоење значат и неопходна потреба од итна интервенција и обезбедување на современи улови за сите наши ученици. На приземје и два ката ќе бидат распоредени 19 училници и 7 кабинети. Новото училиште ќе има модерен хол, трпезарија со кујна, канцеларии, подрумски и други неопходни простории. Нашите ученици и во минатото покажале дека имаат знаење и постигнуваат огромни успеси во научно-образовниот процес, па наша обврска како локална самоуправа и моја како градоначалник е да им обезбедам услови за уште поголеми постигнувања и ним, а на нивните наставници и  останатиот персонал покомфорни услови за работа – изјави Ѓорѓиевски.  

Изградба на објектот ќе чини околу 99 милиони денари.