Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ја отслужи Пасхалната Литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Торжествената прослава на победата на животот над смртта започна во ноќта на 4 спроти 5 мај со раздавање на светиот Благодатен Оган, по што беше отслужена Пасхална Полуноќница. На неа, радосно пеејќи „Воскресението Твое Христе Спасителу, ангелите го воспеваат на небесата, а и нас на земјата удостој нè, со чисто срце да Те славиме“, Архиепископот, свештенослужителите и верниот народ извршија трократен опход околу Соборниот храм. Изутринава, пак, Архиепископот претстојуваше на Пасхалната Литургија на која беше прочитано и Велигденското послание на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква. По завршетокот на Литургијата, беше прочитано пасхалното Евангелие на многу јазици. ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!, велат од Скопската епархија.