Имам нешто да те прашам

Таско: Не заборавајте што сте си ветиле дека ќе почнете да правите од 1-ви јануар (Фото+Видео)

2023-та година за него е една од најуспешните во животот. Се ожени, стана татко и зад себе има голем број на хитови, настапи и концерти. Новата година ќе ја дочека во еден навистина убав европски град каде колку и да не сакаш ќе ја почувствуваш онаа новогодишна еуфорија, лудило и магија.

Почитувани, во новогодишниот серијал на интервјуа, токму тој. Христијан Тасковски – Таско. Што тој кажа и одговори за музичкиот портал Музика24, прочитајте во продолжение.

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Таско: Јас се оженив и добив син хахаха (се смее). Искрено, 2023-та за мене е една од поубавите години и ми донесе многу убави работи, така да ќе ја памтам по убавини, како на приватен план така и на професионален.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Таско: Ако треба да одберам една песна која што ја одбележа 2023-та на македонската музичка сцена, според моето знаење и познавање на музиката, несомнено е дека дуетот на Пајак со Теодора Џехверовиќ е најголемиот хит за оваа година. А на фестивалски план сеуште е рано да кажеме, и ќе оставам времето да покаже.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најnубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Таско: Искрено немам некоја новогодишна еуфорија, моментално сум фокусиран на некои други работи, иако Новата година оваа година ќе ја поминам во кругот на блиските и нема да бидам во Македонија. Одам неколку дена порано во еден европски град, па ќе видиме дали ќе ми дојде во друга атмосфера. Инаку секогаш купувам поклони за најблиските, и не мора да е Нова година за да им купам нешто убаво.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Таско: Па јас лично се водам по некоја сентименталност, и некое значење. Кога купувам поклони за блиските гледам да има емотивна вредност, не значејки дека тој поклон мора да е скап. Тоа може да биде некоја слика, може да биде некој парфем кој означува конкретна ситуација и слично, во зависност од тоа колку ја познавам личноста на која што и купувам подарок. Ако е некој што не го познавам, може да добие маичка/дуксер хахаха (се смее).

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Таско: Секогаш. Јас сум онаа личност во друштвото што е спремен да искочи “Кловн” за да бидат другите среќни. Некогаш ме чини многу, затоа што правам будала од себе, ама барем околу мене луѓето се среќни.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Таско: Па нема некоја таква ситуација. Старата година ја поминав во некоја мирна атмосфера, семеен круг, и убави сеќавања.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Таско: Нормално дека секој ден почнува со музика. Во зависност од расположението имам различни стартови, ама последниов период ми свират некои новогодишни песни, и ако морам баш да изберам е „It’s begining to look like Christmas“.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Таско: Да! Имам една порака за Дедо Мраз, а тоа е во Новата 2024-та година да ни истури повеќе среќа и љубов, наместо омраза и завист.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Таско: Во Новата година очекувам да извадам повеќе нова музика, во штек има многу работи кои чекаат да видат бел ден, па незнам од кај да почнам, ама мислам дека ќе имаме многу поводи во следната за да зборуваме и дебатираме на професионален план. Мислам дека ќе ја изненадам целата публика, и дека ќе биде многу интересна 2024-та.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Таско: Ќе бидам во Берлин, во кругот на моите најблиски.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Таско: Здравје, среќа, слобода. Ако сум здрав, среќен и слободен ќе можам да ги остварам сите останати желби, но ако една од овие се прекрши мислам дека е многу тешко да се остварат.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Таско: Среќна нова година, Live, Laugh, Love, и не заборавајте што сте си ветиле дека ќе почнете да правите од 1ви. Само убавини!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: