Фото: Маја Јаневска Илиева

Партиите заборавија на сопствените идеологии и програми прифаќајќи принципи што го разбиваат унитарниот карактер на државата. Политичките партии полека се враќаат кон својот вистински политички фундамент, кон својата идеолошка матрица, во која самите препознаваат здрав градбен елемент за унапредување и кохезија на македонското општество, наспроти етничките анахрони матрици, кои по дефиниција сегрегираат по етничка линија. Токму со напуштањето на принципот „победник со победник“ се направи една добра работа, се напушти етнизацијата на изборниот процес и се отвори просторот партиите повторно да почнат да се враќаат кон сопствената изворна политичка идеологија и врз таа основа да ги креираат програмските цели. Од друга страна, етничкиот предзнак на партиите полека почнува да станува товар, бидејќи сфаќаат дека доколку сакаат да бидат дел од извршната власт, мора да им се обраќаат на сите граѓани, а не само на сопствениот етникум

Принципот на постизборното коалицирање по етничката формула „победник со победник“ (2)

Изборната кампања влегува во финиш, со оглед на празничниот период што претстои, а покрај пораките за масовен одзив, она што во последно време може да се слушне на партиските митинзи се дискретните покани кој е, а кој не е добредојден во идната македонска влада.
Опозицијата, која претендира да ја освои власта, ги пикира партнерите со кои делумно се поклопува по некои идеолошки основи, ако воопшто може да се говори за постоење на идеологија, но многу повеќе акцентот се става на компатибилноста на изборните програми и ветувањата што се даваат кон граѓаните.
Од друга страна, власта околу себе ги собира партнерите што и досега ѝ даваа поддршка околу плановите поврзани со уставните измени како главен услов за одблокирање на евроинтегративните процеси.
Откако на сите, со исклучок на ДУИ, им стана јасно дека принципот „победник со победник“ повеќе не важи, сега сите комбинаторики се во игра, иако во помала или поголема мера почнуваат да се наѕираат контурите на идните потенцијални владини коалиции, било да ги прави актуелната власт или, пак, опозицијата.
Она што е особено забележливо и трендот на враќање кон основните демократски принципи, тоа е дека сите почнуваат да ги истакнуваат програмските цели и платформи околу кои би можеле да се обединат, во недостиг од јасно креиран идеолошки профил на партиите присутни на македонската политичка сцена.

Идеологијата е основа во светската политика

Со напуштениот принцип „победник со победник“ се направи една добра работа, се напушти етнизацијата на изборниот процес и се отвори просторот партиите повторно да почнат да се враќаат кон сопствената идеологија и врз таа основа да ги креираат програмските цели.
Од друга страна, етничкиот предзнак на партиите полека почнува да станува товар, бидејќи сфаќаат дека доколку сакаат да бидат дел од извршната власт, мора да им се обраќаат на сите граѓани, а не само на сопствениот етникум.
Некои од комуниколозите и аналитичарите сметаат дека кај нас партиите не само што немаат вистинска идеологија туку и натаму носат некакви етнички и национални предзнаци, со што придонесуваат за уште поголема општествена сегрегација.
– Штом се создадат национални партии, тоа само по себе значи сегрегација по национална основа и тоа не е добро. Така општеството дополнително се дели. Секое зрело општество си има партии создадени врз идеолошка основа, така е во цела Европа. Во Германија има партии со јасна идеолошка матрица, социјалдемократи, зелени, конзервативци, исто е и во Велика Британија, во САД, во Франција, се знае точно која партија каква идеологија негува и не се отстапува од тоа. Така се креираат и програмите на партиите, врз основа на нивниот идеолошки профил. Кај нас ДУИ направи еден своевиден чекор напред, кога од партија произлезена во воена формација се реструктуира во идеолошки зелена партија. Но истата партија направи десет чекори назад кога се врати на старите воинствени наративи, на национализмот, на етнизацијата, напуштајќи ја зелената агенда и враќајќи се кон најрадикалниот национализам. Едноставно кажано, не созреа како партија, без оглед што повеќе од 20 години е во власт. Идеологијата значи цврсто придржување до неа, без никакви отстапки. Ако некоја партија е социјалдемократска, тогаш таа треба да ги обединува околу себе сите граѓани со такви сфаќања, без оглед на нивната етничка припадност. Исто е и со конзервативците, со зелените, со либералите… Кога така ќе се профилираат партиите преку идеолошка основа, тогаш граѓаните на избори добиваат јасна слика за каков концепт гласаат, каква влада и каква програма можат да очекуваат. Граѓаните, но и економијата, сакаат извесност, односно точно да знаат која идеологија е наклонета кон пониски даноци, која кон социјална правда, која кон екологија и слично – посочуваат аналитичарите.

Усогласена програма за ефикасно функционирање на коалициите

Универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски смета дека кај нас сѐ уште не е созреана политичката култура за да можеме да говориме за партии и коалиции врз идеолошка и програмска основа.
– Кај нас нема некаква политичка култура, партиите едноставно немаат капацитет за преговарање, уште помалку водат сметка за интегритетот, за опстојување на цврсти ставови. Секаде во светот кога се прават коалиции пред да се формира влада, се собираат програмите на коалициските партнери, од сите нив се прави едно сиже што е прифатливо за сите и, врз основа на утврдените заеднички точки, се носи заедничка програма и врз таа програма работат политичките партии што се во владината коалиција. Тоа е моделот во светот, партиите коалицираат кога се блиски идеолошки, а потоа заеднички ја подготвуваат и спроведуваат програмата. На пример во Италија една владина коалиција има своја заедничка програма, ако се отфрли нешто од она што го ветил некој од коалициските партнери, тој ја напушта владата и владата паѓа, нема никаква филозофија. Кај нас се прифатија многу непринципиелни работи само владата да опстои по секоја цена – вели Давитковски.
Според него, исклучително голем проблем е и етничкиот предзнак пред партиите. бидејќи продолжува тенденцијата тие да се обраќаат само кон граѓаните од нивната етничка заедница.
– Направивме грешка што дозволивме регистрација на партии со етнички предзнак. Ако сакаме да градиме граѓанска држава, такви требаше да бидат и партиите, да се обраќаат до сите граѓани, а не само до нивната етничка заедница. Но грешката се направи, се форсираа само националните права на Албанците, потоа дојде балансерот, сега и Уставот ќе менуваме, па дводомен парламент, па претседателот да го избира Собранието и тоа веќе нема крај. Грешката е направена уште во 1991 година. Беше еуфорија, првпат правевме држава на македонскиот народ, Албанците не гласаа за Уставот, дојде војната во 2001 година, дојде Бадентер и се разводени целата работа. Затоа сега тие се обраќаат само до својот етнички електорат и затоа владините коалиции се такви, врз непринципиелни основи, секој влече на своја страна, а државата и граѓаните ги чувствуваат последиците – заклучува Давитковски.

Сите треба да се обединат околу важните прашања

Аналитичарите, водејќи се од однесувањето на домашните политички партии, истакнуваат дека тие многу повеќе се профилирани како интересни групи и групи за притисок отколку како политички партии во класична или модерна смисла.
– Немаат вистинска идеологија, туку функционираат како компании, а членството во партиите е најмалку поврзано со идеолошки основи, туку исклучиво преку лични статусни и материјални интереси. Без да дискутираме за крајот на идеологијата во современа смисла, а имајќи го предвид македонскиот политички спектар, оправдано се наметнува прашањето дали партиите воопшто имаат идеологија, по што се разликуваат меѓу себе, кои се вредносните црвени линии што подразбираат да не може да се прават коалиции со некој што им е идеолошки спротивен, или, пак, единствена вредност е како да се дојде на власт и што подолго да се остане таму. Несомнено, македонската политичка сцена е доста комплицирана и атипична, бидејќи има партии што по некои прашања се наоѓаат лево, а по други десно, па единствено што може да се гледа е во кој дел се најблиски. Можеби е потребно да се воспостави некаков критериум на важноста на прашањата околу кој партиите мора да постигнат заеднички став и консензус како да го реализираат тоа практикувајќи ја власта – додаваат соговорниците.
Според нив, напуштањето на анахроните и деструктивни принципи, како тој „победник со победник“, кој е закана по унитарноста на државата, ќе значи можност партиите да излезат надвор од востановената рамка и на граѓаните да им понудат извесност, како во составувањето на владата, така и во очекувањето на програмските определби и генерално на курсот кон кој ќе стреми државата.
– Клучното прашање што се наметнува е до кога ќе се наоѓаме во некаква претполитичка состојба кога на партиите им одговара што поголем дијапазон на неслагање за да можат полесно да опстојат на политичката сцена и да манипулираат со гласачите, ризикувајќи и опасни поделби во општеството. Дали тоа ќе се нарекува идеологија или не, партиите мора да имаат многу поголема внатрешна кохезиона сила од голите интереси, оти, во спротивно, и натаму ќе имаме неефикасна држава, која ќе функционира врз застарени наместо врз функционални принципи и врз сѐ поголемо владеење на партократијата наместо на демократијата – констатираат аналитичарите.