Јолевски: Многу се нервирам кога некој ќе каже дека му е досадно, а ме радува…

Познатиот македонски актер Ѓорѓи Јолевски, кој е и универзитетски професор по актерска игра, има што да каже на 10 прашања:

  1. Три најсреќни моменти во животот?

– Среќата е состојба на умот и треперење на срцето. Го сакам тоа чувство и се обидувам да бидам колку што може подолго во таа состојба. Ако морам да бирам баш три…Запишувањето на Факултетот за драмска уметност во Скопје, раѓањето на кученцата на Леда (мојата Хаски миленица ) и летањето со параглајдер над Скопје на 1.700 метри, еден час и дваесет минути среќа.

  1. Три работи кои се каете што сте ги направиле?

– Во принцип не се каам за нештата што ги правам. Многу грешам и понекогаш погодувам но постапките, правилни или неправилни се дел од мене и мојот начин на мислење и дејствување. Се обидувам да не повредувам луѓе со своите постапки, а ако се случило тоа било ненамерно и еве ја користам оваа прилика да кажам дека се каам и длабоко се извинувам.

  1. Тројцата Македонци од сегашноста со кои се гордеете?

– Ги има повеќе но ќе ги издвојам Дејан Пројковски – режисер, кој во моментов царува на големите сцени и фестивали во регионов, Симон Трпчевски – пијанист, кој не претставува гордо како убавина и светлина во светот со децении и Калин Ивановски – тенисер, на кој му посакувам место меѓу првите десет на АТП.

  1. Три работи кои Ве радуваат и три што Ве нервираат?

– Ме радува секое утро, добра проба, оригинална идеја. Многу се нервирам кога некој ќе каже дека му е досадно. Досадата ја сметам за заразна болест. Доцнење и губење туѓо време, бистрење политика пред гранапче.

  1. Три предмети што најмногу Ве намачија како ученик?

– Прашањево ме врати години наназад со конкретна емоција и енергија. Имам грч во стомакот кога се сеќавам на периодот на измачување ха ха ха ха. Математика во втора средно, социологија во четврта средно, марксизам во втора година на факултет. Уф, веднаш преоѓам на следно прашање.

  1. Три работи во кои сте добар, и три во кои не Ве бива?

– Сметам дека сум добар на сцена…или можеби не ха ха ха , во кујна дефинитивно да, најомиленото место кога имам време. Уживам во комбинирање на производи, бои, мириси, вкусови кои резултираат како задоволство на мешето и сетилата на домашните и пријателите. Мислам дека сум добар во комуникација и поврзување на луѓе и  институции… Не ме бива за сликање, финансии, поправки по дома…. и уште многу други работи.

  1. Три места во Македонија што радо би ги посетиле?

– Хераклеја Линкестис… близу Битола, местото кое како дете ме воодушевуваше и ми ја хранеше фантазијата, Охрид во сите сегменти, езерото… Варош… Свети Наум…Трпејца, Света Софија, Антички театар и Вирово, село на Плакенска планина, царството на валавиците, со прекрасни луѓе и питорескна природа… совршенство.

  1. Три најдобри книги, филмови и песни?

– Книги : „Пиреј“ од Петре Андреевски, „Браќа Карамазови“ од Фјодор Достоевски, “Мајстор и Маргарита“ од Михаил Булгаков;

Филмови: „Анатомија на падот“ режија Жастин Трие со феноменалната Сандра Хилер, „Андреј Рубљов“ во режија на Андреј Тарковски, „Паразит“ во режија на Бонг Јун-Хо.

Песни: „Анастасија“- псалм 13, Underworld – Born slippy, Einsturzende Neubauten -Silence

  1. Три омилени јадења?

– Уф. Ова е најтешкото прашање до сега. Кога морам да изберам од мноштвото јадења. Сепак на прво и неприкосновено место е сарма, имам дозвола да ја правам и јадам еднаш годишно – за Нова Година, крцкаво пилешко во слатко кисел сос и дефинитивно суши во сите варијанти.

  1. Три совети кои ги давате на другите?

– Не сум човек што сака да дели совети. Од трите можности ќе изберам само еден кој најчесто си го давам себе си. Без разлика на се… продолжи да одиш.

 

Претходна вестПакистан нападна одредени цели во Иран, два дена по иранските напади
Следна вестНа Бит пазар приведен скопјанец, кај него била пронајдена дрога