Лејкерси избегнаа нова „метла“ од Денвер, Бостон го возврати ударот

Лос Анџелес лејкерс славеше на домашен терен со 119-108 над Денвер нагетс, со што „езерџиите“ избегнаа втора година по ред да бидат елиминирани со „метла“ од тимот предводен од Никола Јокиќ. Откако лани загубија со максимални 0-4 во финалето на Западната конференција, Леброн и соиграчите претрпеа три порази во низа и во овој плејоф. На таа „црна серија“ конечно и дојде крајот рано утрово, кога лејкерси одиграа одличен меч и заслужено го совладаа актуелниот шампион.

Јокиќ одигра уште еден плејоф меч за паметење, реализирајќи трипл-дабл од 33 поени, 14 скоковии 14 асистенции, но и тоа беше недоволно за да се избегне пораз. На спротивната страна, Леброн Џејмс постигна 30 поени за победничкиот тим, додека Дејвис имаше импресивен дабл-дабл од 25 поени и 23 скокови.

Бостон поведе со 2-1 во серијата со Мајами откако селтикси лесно и убедливо триумфираа на гостувањето на Флорида со 84-104, реванширајќи се за неочекуваниот пораз на домашен терен. Целата работа Бостон ја заврши уште во првото полувреме што го доби со 39-63, по што вториот дел мина во рутинско одржување на предноста од страна на гостинските кошаркари.

Браун и Тејтум ги предводеа стрелците на победничкиот тим со по 22 поени, Порзингис постигна 18, додека кај Мајами најефикасен беше Адебајо со 20 поени.

Се вчитува...