📸Geely Galaxy E5

од Vladimir Zorba

Geely веќе го претстави новиот под-бренд Galaxy, кој кинескиот гигант го опиша како „серијата на електрифицирани производи од висока класа“.

Се очекува Galaxy да понуди седум автомобили до 2025 година, вклучувајќи четири хибриди со долг дострел и три целосно електрични возила.

Новата палета на луксузни модели ќе ги прикаже најновите технологии на компанијата, а се започна со хибридниот теренец Galaxy L7 plug-in.

Неодамна пристигна електричниот седан E8, а сега е најавен и целосно електричниот кросовер Galaxy E5.

E5 е базиран на платформата SEA (Sustainable Experience Architecture), каде должината на новиот кросовер е 4615 mm, ширина 1901 mm, висина 1670 mm и меѓуоскино растојание 2750 mm.

Возилото има пет седишта, волан со два краци, посебни екрани за таблата со инструменти и мултимедијален систем, оперативен систем Flyme Auto на Meizu, панорамски подвижен покрив, вентилирани и загреани седишта со функција за масажа, како и сите најнови електронски возачки асистенти.

Засега е потврдена само верзијата со погон на задните тркала со електромотор од 218 КС. Податоци за батериите и опсегот сè уште не се објавени.

Galaxy E5 ќе биде лансиран во Кина во втората половина на годината, а подоцна ќе пристигне и на другите пазари (се планира и верзија со волан од десната страна).

Се очекува опсегот на цените за E5 да биде помеѓу 150.000 и 200.000 јуани (19.275 до 25.700 евра).

Galaxy моментално има 650 продажни места низ Кина, каде што продаде 83.497 автомобили минатата година.

Слични содржини