Според него, катастрофа од невидени размери ќе се случела доколку не се ангажирале институциите кои, како што оцени, реагирале навремено и професионално во интерес на здравјето на граѓаните и на вработените во Зоолошката градина
Градоначалничката на Град Скопје беше на праг да предизвика епидемија со птичјиот грип, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако вчера од Агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека пцовисала гуска во скопската зоолошка градина кај која било детектирано присуство на птичји грип.
„Данела Арсовска која е позната по негрижа за граѓаните, негрижа за народните пари, сега беше на праг да предизвика епидемија со птичјиот грип. Арсовска, поддржана од СДС, ДУИ и Левица, само ги менуваше директорите на скопската Зоолошка градина која е обележје на Скопје и на цела Македонија, а единствено што требаше да направи е само да назначи професионалец. Но, што направи таа? Скопската Зоолошка ја претвори во еден хорор филм, каде за помалку од три години направи помор и таму починаа повеќе од 40 егзотични животни, установа која ја пратат само инциденти“,
изјави на денешната прес-конференција Стефан Кирков, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, катастрофа од невидени размери ќе се случела доколку не се ангажирале институциите кои, како што оцени, реагирале навремено и професионално во интерес на здравјето на граѓаните и на вработените во Зоолошката градина.
„Апелираме до Арсовска да прекине со продукција на лаги и хорор филмови. Доста Арсовска поддржана од СДС, ДУИ и Левица, ги малтретира скопјани, намерите им се јасни и се препознаени од сите. На неспособната Арсовска и се гледа крајот на владеење со Скопје, а потоа следи и одговорност“,
порача Кирков.
Тој оцени дека постапката со евтаназија на животните кои имале близок контакт со заболеното животно во кое се утврдил вирусот е постапка по сите стандардизации „и таа се практикува во сите зоолошки и е дел од регулативите во ЕАЗА, Европска Асоцијација на зоолошки и аквариуми“.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку соопштение вчера информираше дека во Зоолошката градина – Скопје било утврдено присуство на птичји грип кај пцовисана птица. Како што додадоа оттаму, бил спроведен надзор во Зоолошката и било извршено хумано убивање на некоку видови птици.
„По угинување на една гуска лоцирана во езерцето во Зоолошка градина – Скопје и поставен сомнеж за болеста авијарна инфлуенца (птичји грип), по лабораториско тестирање на угинатата птица, со лабораториски резултат од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје од вчера потврден е случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на птичји грип Х5Н1. Во текот на денешниот ден, од страна на надлежен официјален ветеринар, спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста, а извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата. Наредени се мерки согласно Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца“,
соопштија од АХВ.
Од скопската Зоолошка градина, пак, претходно обвинија дека надлежните без каков било доказ убиле десетици птици и обвинија за упад во зоолошката со кој, како што велат, „повторно се потврдува секташката политика на Владата на Христијан Мицкоски“.