Почина легендарниот аргентински фудбалски тренер Меноти

На 86-годишна возраст почина Сезар Луис Меноти, поранешен аргентински фудбалер а подоцна уште попознат како врвен стручњак кој водеше бројни клубови и репрезентации.

Меноти помина голем дел од својата играчка кариера во родната Аргентина и ги носеше дресовите на Росарио Сентрал, Расинг и Бока Јуниорс. Во текот на 1968 година играше и за бразилскиот Сантос и беше соиграч на легендарниот Пеле.

Две години подоцна ја заврши играчката и веднаш ја започна тренерската кариера оставајќи многу подлабока трага. Најмногу ќе остане запаметен како селектор на Аргентина која ја предводеше до првата светска шампионска титула во 1978 година. Домаќин на Мундијалот тогаш беше Аргентина, а во финалето по продолженијата ја победи Холандија со 3:1.

Меноти беше селектор на Аргентина од 1974 до 1983 година, а неговиот последен ангажман беше поврзан со аргентинската репрезентација каде беше директор. Покрај Аргентина, ја водеште и репрезентацијат на Мексико, а успешно работеше и како клупски тренер предводејќи ги Барселона, Атлетико Мадрид, Сампдорија, Бока Јуниорс и многу други клубови.