Изминуваат роковите за македонските компании за воведување на европскиот „CBAM“ механизам

На 10 мај 2023 година ЕУ ја донесе Регулативата која се однесува на „Механизмот за гранично јаглеродно прилагодувањe (CBAM)“ која стапи на сила на 01 октомври 2023 година. Истиот има за цел да вопостави цена на јаглеродот на увезените производи во ЕУ од шест сектори: железо и челик, алуминиум, цемент, ѓубрива, производство на водород и електрична енергија. Следствено, спроведувањето на ,,CBAM’’ механизмот ќе доведе до намалување на приходите за индустриите во овие шест сектори лоцирани во трети земји. Досега тие извезуваа стоки во ЕУ без да мораат да плаќаат данок за јаглеродот што се емитува во процесот на производство на нивната стока.

Со регулативата се предвидени две фази на имплементација: транзициска фаза за воведување на „CBAM“ механизмот (од 01 октомври 2023 година до 31 декември 2025 година) и пост-транзициска фаза (од 01 јануари 2026 година). Во транзициската фаза се предвидува декларантите – увозници ( или индиректните царински претставници) во ЕУ, врз основа на информации обезбедени од страна на македонските компании(оператори) да поднесуваат квартални извештаи во Преодниот регистар за ,,CBAM’’ кој е е наменски развиен од страна на Комисијата за да им помогне во процесот на известувањето (https://cbam.ec.europa.eu/declarant).

Кварталните извештаи ги содржат следните податоци: вкупните количини и видови на производи увезени во ЕУ за даден квартал од годината, вкупно вградени директни и индиректни јаглеродни емисии на увезените производи, висината на цената на јаглеродот што е платена во земјата на потекло за вградените јаглеродни емисии во увезенитепроизводи вклучувајќи и евентуални финансиски ослободувања и компензации. Се предвидува изготвените квартални извештаи да имаат транзиторен карактер и истите да се укинат во 2026 година. Првиот квартален извештај требаше да биде поднесен на 31 јануари 2024 година, a вториот треба да се поднесе до 30 април 2024година. Регулативата предвидува корекција на првиот и вториот квартален извештај до јули 2024 година. Доколку се пропушти и овој рок постои можност да се побара шанса за корекција, но за тоа секако ќе биде потребно претходно одобрување од страна на Европска комисија. Со регулативата е предвидено Европска комисија да врши проверка(првична) на усогласеноста на извештаите со обврските кои произлегуваат од регулативата, но сепак обврската за проверка на квалитетот на кварталните извештаи ќе биде во неприкосновена надлежност на соодветните Национални надлежни тела на земјите членки на ЕУ.

Имајќи во предвид дека во ЕУ сеуште не постои заедничка терминологија и систем за сертификација на ниско-емисионите горива и гасови, во однос на методологијата за пресметка на јаглеродниот отпечаток кај производите, регулативата дозволува примена на „било која методологија за пресметка на јаглеродниот отпечаток која што е научно докажана“. Во услови на непостоење на таква методологија за потребата од известување може да се користат зададените стандардни вредности за јаглеродниот отпечаток содржани во Анекс 3 на регулативата, но таквата можност ќе биде на располагање само до 31 јули 2024 година. Во нашата државата Комората на Мал Бизнис тековно реализира предавања и семинари и подготвува регионална платформа – Зелена Академија со програми за обуки за овластени проценители на јаглеродните емисии во компаниите и за подготовка на извештаи за одржливост.

Воведувањето на „данокот од CBAM механизмот“ беше помпезно  најавено во македонскиот етер од страна на стручните лица, но за жал никој не напомена дека со дополнителната регулатива која се однесува на правилата за имплементација на самиот механизам, се предвидени казнени одредби за неисполнување на обврските од механизмот во случај кога декларантите/компаниите бидат „мрзеливи“ односно кога нема да поднесат или нема да извршат корекција на поднесените извештаи во согласност со укажувањата на надлежните тела на ЕУ. Во такви околности на надлежните тела им е дадена правна можност да изречат пенали во износ од 10 евра до 50 евра за секој непријавен тон на вградени СО2 емисии во производите кои се увезуваат во унијата. Повисоки казни се предвидени доколку прекршувањата на ваквите обврски од регулативата се во траење повеќе од шест месеци.

Олеснителна околност за транзициската фаза е тоа што со неа се предвидува само процес на мониторинг и известување, но не е предвидено верификација на поднесените податоци од страна на овластен верификатор на земјата членка на ЕУ ниту пак е потребна набавка и поднесување на „СВАМ“ сертификати. Ова е период на учење за сите инволвирани страни, со цел разбирање на соодветните улоги и задачи предвидени со механизмот.

За пост-транзициската фаза почесто ќе се говори во наредниот период, во овој момент е важно компаниите да го стават својот фокус на исполнување на нивните обврски предвидени со првата фаза од механизмот.

Со регулативата се предвидува исклучок од обврската за плаќање на механизмот доколку електричната енергија се увезува како стока во ЕУ. Со генералната опција за исклучок се опфатени оние увозници кои ќе бидат во можност да докажат дека увезената електрична енергија потекнува од земји во кои веќе има воспоставено систем за надоместок за емисиите на стакленички гасови како што е европскиот „EU ETS“ или пак имаат воспоставено ефективно оданочување на јаглеродот. Дополнително со парцијалната опција е предвидено доколку трета земја или територија има пазар на електрична енергија кој е интегриран со внатрешниот пазар за електрична енергија на унијата преку пазарнo спојување („Market Coupling“), а нема техничко решение за примена на „CBAM“ механизмот при увозот на електрична енергија на царинското подрачје на унијата, таквиот увоз на електрична енергија исто така ќе биде ослободен од примената на механизмот до 2030 година, под услов Комисијата претходно да процени дека кумулативно се созреани сите потребни предуслови за примена на исклучокот.

Во Република Македонија сеуште нема препознатливо и издржано решение за воспоставување на еден комплексен механизам за надоместок за емисиите на стакленички гасови од достапните позициони документи на експертската и академската фела во државата, ниту пак е воспоставен Патоказ со временска рамка за потребните мерки и активности за исполнување на условите за исклучок од обврската за плаќање до 2030 година. Дополнително на сето ова во период на предизборна кампања во нашата држава, процесот на донесување на законската легислатива која го третира ова прашање со оглед на големината на финансиските импликации кои ги произведува истата е исто така ставен во фаза на мирување.

Имајќи ја во предвид цврстата детереминираност на ЕУ за исполнување на целите за климатска неутралност до 2050 годинa како и последните активностите на унијата со воведувањето на легислативата која се однесува на  гасниот пазар и употребата на Н2 во декарбонизацијата на европската индустрија, искрена препорака до македонските компании е сериозно да пристапат кон обврските предвидени со „CBAM“ регулативата и процесот на администрирање предвиден со транзициската фаза од механизмот, доколку не сакаат да ја почуствуваат функционалноста на европската казненена политика на својот грб.

Автор: дипл.маш.инж Горан Николовски, експерт за гас, ЕУРЕМ и УНИДО европски енергетски менаџер за НетПрес