Вести Македонија Топ вести

Немало потреба од затворски притвор, таткото на Вања можел да се обезбеди и во куќен – Врховен ја објави одлуката

Немало потреба од затворски притвор за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, бидејќи обезбедувањето на неговото присуство може да се постигне и со примена на поблага мерка, а и законот налага траењето на притворот да биде сведен на најкратко нужно време. Ова се причините поради кои Врховниот суд ја уважи жалбата на Ѓорчевски и му определи домашен притвор.

„Ваквата одлука Врховниот суд на Република Северна Македонија ја донесе имајки ги во предвид и личните прилики на осомничениот кој што е со познат и утврден идентитет, со постојано и познато место на живеење, поседува недвижен имот на свое име, досега е неосудуван и против него не се води постапка за друго кривично дело, а особено околноста што определените мерки за обезбедување на присуство на обвинетиот се похумани од претходно определената мерка притвор и со нив ќе бидат постигнати истите цели и ефекти како и со мерката притвор,“, соопштија од Врховен суд.

Ѓорчевски од декември беше во притвор во Шутка, бидејќи е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Врховниот суд во својата одлука наведува и дека оправдана била одлука на Апелација дека Ѓорчевски може да се даде во бегство и дека тој може да ја попречува истрагата и да го повтори кривичното дело и затоа му е изречен домашен притвор. Највисокиот суд му определи и мерки на претпазливост на Ѓорчевски, односно забрана за издавање на нов пасош и преминување на границата со лична карта.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ за Телма изјави дека укинувањето на притворот е мала сатисфакција на огромната неправда и трагедија која му е нанесена на Ѓорчевски.

„Во понатамошниот тек на постапката секако дека ќе докажеме дека тој е неправедно осомничен без било какви докази и огромно влијание на неговата трагична судбина покрај тоа што го загуби детето, има онаа несреќна и непрофесионална прес-конференција на тогашниот министер за внатрешни работи, чии што наводи фактички беа повод за една хистерија во јавноста и тоа беше општо прифатено. Тој човек во тој момент веќе беше обвинет и правосилно осуден. Затоа тежината и големината на оваа одлука на Врховниот суд е уште поголема“, рече Туфегџиќ.

Ѓорчевски во четвртокот, за време на јавната седница на која се расправаше за жалбата, рече дека и самиот водел истрага по исчезнувањето на неговата ќерка и затоа бил ставен во притвор. Ѓорчевски во меѓувреме на обвинителството му дал пристап до неговиот телефон, кој сега е на вештачење.

Сè уште се чека на екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо, првосомничен за грабнувањето и двојното убиство на Вања и на велешанецот Панче Жежовски. Според исказите на останатите осомничени, Палевски им кажал дека информациите за тоа кога Вања ќе го напушти нејзиниот дом и дека ќе биде сама му ги дал Ѓорчевски.

Вања беше грабната на 27 ноември, минатата година, а нејзиното тело беше пронајдено на 3 декември.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Вреди” по потегот на Силјановска: Не треба да се отвараат стари рани, ги разбираме емоциите, но не чекаат уставни измени на европскиот пат

Дејан Дејан

Зеленски: Жестоки борби во Харковскиот регион, целта е да се растегне и деморализира украинската одбрана

Дејан Дејан

И ЕУ со реакција на првиот претседателски потег на Силјановска: Жалење поради постапката, а Уставот и меѓудржавните договори мора да се почитуваат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе