Свет
Шојгу: Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите на НАТО
Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите на НАТО, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Руската Федерација никогаш не била закана за НАТО. Ние немаме ниту геополитички ниту воени интереси да ги нападнеме земјите од блокот, ние едноставно го штитиме нашиот народ на нашите историски територии“, рече Шојгу на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Шангајската организација за соработка (SCO) во главниот град на Казахстан, Астана.
Шојгу нагласи дека Русија секогаш вложувала максимални напори за одржување на стратешката стабилност и рамнотежа на силите во светот, пренесува Интерфакс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Четиригодишно дете паднало во казан каде се подготвувал гулаш: веднаш е хоспитализирано во Белград
Четиригодишно дете паднало во казан со гулаш во неделата на манифестацијата „Гулашијада“ во Баранда.
Со брзата реакција на полицијата тоа било извлечено и пренесено на Универзитетската клиника во Тиршова, каде според последните информации се наоѓа на интензивна нега и е надвор од животна опасност, пренесуваат медиумите во регионот.
Несреќата се случила кога детето возело велосипед по тротоарите, во придружба на неговата баба, и удрило во дрвен столб кој го обезбедувал просторот, односно зелената површина околу местото каде што се одржувал јавниот собир и се готвел гулаш.
Откако удрило во столбот, детето паднало во казанот.
Брзо е пренесено во Здравствениот дом Опово, а подоцна на лекување во Белград.
Свет
Нетанјаху призна: Се случи трагична грешка
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го коментираше нападот во текот на ноќта врз шаторскиот камп во градот Рафах во кој загинаа најмалку 45 лица.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека целеле двајца високи лидери на Хамас во еден од комплексите на групата и ќе ги разгледаат извештаите дека пожарот се проширил во засолништата, загрозувајќи ги цивилите.
Нетанјаху рече дека Израел се обидел да ги заштити цивилите со евакуација на еден милион луѓе од Рафах, каде што се проценува дека се наоѓале околу 1,5 милиони луѓе пред почетокот на офанзивата.
„И покрај нашите напори да не ги повредиме, се случи трагична грешка. Ние го истражуваме инцидентот. За нас тоа е трагедија, за Хамас тоа е стратегија“, рече Нетанјаху во парламентот.
Во соопштението објавено доцна синоќа по експлозијата во Газа, ИДФ соопшти дека „елиминирала“ двајца високи претставници на Хамас – Јасин Рабија и Калед Нагар – во „прецизен“ воздушен напад „во северозападниот дел на Рафах“.
Нападот предизвика бес кај светските лидери кои повикаа на спроведување на пресудата на Светскиот суд за да се запре израелскиот напад.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е огорчен од последните напади на Израел.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел изјавија дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата мора да се почитува.
Европа
Макрон: Идеите на екстремната десница се шират во Европа
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди денеска во Дрезден за ширењето на екстремната десница во Европа и повика на дополнителна помош за Украина бидејќи се работи и за безбедноста во Европа.
„Секаде во нашите демократски општества, идеите кои доаѓаат од екстремната десница се шират. Овој корумпиран ветер се шири низ Европа, тоа е реалноста. Конечно мораме да се разбудиме“, рече Макрон во својот говор пред реновираната катедрала во Дрезден, кој беше целосно уништен во сојузничкото бомбардирање.
На вториот ден од неговата тридневна посета на Германија, во својот говор, Макрон се осврна конкретно на Унгарија, каде што „европските пари се добредојдени“, но не се почитува независноста на судството и медиумите.
„Постои фасцинација од авторитарните режими. Само неколку километри од нас. Но, Европа не е себична, туку заедничка база на вредности и култура на индивидуална и политичка слобода“, рече Макрон.
„Она што е загрозено во Украина е безбедноста на Европа. Ниту Франција, ниту Германија не се повеќе безбедни ако во Украина победи владеењето на посилните“, рече Макрон.
Тој рече дека имајќи го предвид големиот скептицизам, особено кај граѓаните на Источна Германија, во однос на помошта за Украина, дека заедничкиот европски однос кон ова прашање е клучен.
„Ние не водиме војна против рускиот народ, но исто така не можеме да дозволиме авторитарен, ревизионистички режим како оној во Москва да и се заканува на Европа“, рече Макрон.
Тој уште еднаш ја истакна потребата да се подигне одбранбената подготвеност на Европа и да се стави крај на силното потпирање на САД. Макрон ја започна својата тридневна државна посета на Германија во неделата со средба со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, а во понеделникот продолжи со положување венец на споменикот на Холокаустот и говор во Дрезден.
Посетата завршува утре со средба со германскиот канцелар Олаф Шолц и заедничка средба на германската и француската влада.