Свет

Палестинците во Рафа очајни среде израелските напади

Израел ги започна своите напади на источен Рафа, откако ги предупреди Палестинците и ги повика да се евакуираат. Жителите и раселените стравуваат од најлошото, пишува во анализата на ДВ.

Набргу откако Хамас објави дека го прифатил договорот за прекин на огнот предложен од Египет и Катар, имаше извештаи за силни експлозии во источниот дел на Рафах, каде што израелската армија нареди итна евакуација во понеделникот наутро. Подоцна истиот ден, кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека предлогот за прекин на огнот не ги исполнува барањата на Израел и дека воениот кабинет одлучил да ја продолжи операцијата во Рафах.

Израелските власти сугерираа дека Хамас, означен како терористичка група од САД, ЕУ и други земји, прифатил поинаков предлог од оној за кој преговараше Израел. Сепак, израелските власти рекоа дека ќе испратат делегација да ги продолжи разговорите со посредниците. Во вторникот наутро, израелски воен претставник потврди дека израелските војници започнале „целна операција“ во одредени области на источен Рафах и ја контролираат палестинската страна на граничниот премин Рафах.

Влезот во Египет останува единствената опција за Палестинците да ја напуштат својата територија. Тоа е и еден од главните премини за испорака на хуманитарна помош за Појасот Газа. Сега останува затворен, како и преминот Керем Шалом, каде Хамас во неделата со гранати уби четворица израелски војници.

Брзите промени оставија многумина во Рафа збунети и исплашени. Гада Рафик, чие семејство се упати кон Кан Јунис, се надеваше дека израелската копнена операција сепак ќе биде избегната.

„Помислата да се вратам во шатор без вода и минимални услови за живот е застрашувачка“, изјави за ДВ телефонски Гада Рафик. „Каде одиме? Што ќе правиме? Очајно сакаме примирје и прекин на огнот. Го молам Бога за брз договор за прекин на огнот и армијата да не влезе во Рафах“, рече таа.

Денот започна со лоши вести за илјадници луѓе кои се обидуваа да избегаат од уништувањето во источните делови на Рафах. Во раните утрински часови, израелската армија фрли летоци и испрати снимени телефонски пораки до луѓето во источен Рафах, наредувајќи им да ја напуштат областа и да се преселат во близина на Ал-Маваси на Западниот брег на Појасот Газа.

Во понеделникот наутро, израелски воен претставник им изјави на странските новинари дека евакуацијата е „ограничена“ и дека армијата наредила 100.000 луѓе, кои се наоѓаат во одредени населби, да се преселат во „проширена хуманитарна зона“ во близина на крајбрежниот пат.

На почеток