Рот: За победата на десниот национализам во Македонија, одговорни се и земјите кои ги европеизираа билатералните проблеми и ги уценуваа

од Nikola Popovski

Поранешниот шеф на германската дипломатија и претседател на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Михаил Рот смета дека победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите е сериозен удар за амбициите во ЕУ. Како што вели поточно, на изборите во Македонија победи „десниот национализам“.

-За ова не е одговорна само поразената социјалдемократска влада, туку државите на ЕУ кои ги европеизираа билатералните проблеми и ги уценуваа. Ако продолжиме со преговорите за пристапување кон ЕУ на таков технократски начин, младите генерации ќе се иселат од Западен Балкан, а национализмот и евроскептицизмот драстично ќе се зголемат. Русија и Кина треба да бидат среќни. Конечно ни треба рестарт и без блокади, напиша Рот на својот профил на социјална мрежа „Х“.

За победата на претседателските избори, новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова доби честитка од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Со нетрпение очекуваме да работиме со претседателката Гордана Силјановска-Давкова за забрзување на потребните реформи за придвижување напред во процесот на пристапните преговори со ЕУ“, напиша тој на социјалните мрежи.

Во одговор на честитките, Силјановска-Давкова вели оти и таа очекува продолжување на соработката за заокружување на интеграцијата на земјава во Европската Унија.

Слични содржини