Се шири раздорот во германските социјалдемократи околу поддршката на Украина

Канцеларот Шолц мисли дека води исправна политика, а познатиот пратеник Михаил Рот најави повлекување од политиката токму поради разликите и нарушената атмосфера


Дали Олаф Шолц го оживува мекиот пристап спрема Русија

 

Германските владејачки социјалдемократи се приближуваат кон раздор околу политиката на владата во Украина, откако група значајни историчари во партијата ја осудија „двосмислената реторика“ на канцеларот Олаф Шолц кон Русија.

Некои социјалдемократи стравуваат дека акцентот на Шолц да ја држи Германија надвор од војната со тоа што одбива да испрати ракети со долг дострел „Таурус“ во Киев, се претвори во оживување на некогашниот мек пристап на партијата кон Русија.

Ова доаѓа откако група од пет реномирани интелектуалци, кои се исто така членови на СПД, меѓу кои и историчарот Хајнрих Аугуст Винклер, напиша писмо до раководството на партијата во кое го критикуваше ставот на Шолц за Украина и Русија.

„Како [партиски членови] и научници, со зголемена загриженост ја следиме позицијата на СПД за руската агресивна војна против Украина“, напишаа тие во писмото, кое се појави во средата (28 март).

„Канцеларот и раководството на СПД повлекувајќи црвени линии, не за Русија, туку за германската политика, ја ослабуваат безбедносната политика на Германија и ѝ користат на Русија.

И покрај тоа што најави ‘Zeitenwende, пресвртница за надворешната политика на Германија која вклучува зголемени трошоци за одбрана и воена помош за Украина, Шолц досега не ја покажа потребната ‘јасност и недвосмислена солидарност’“, тврдат историчарите.

Додека германскиот канцелар ги турка западните сојузници да ја зголемат воената поддршка за Киев, тој досега избегнуваше да повикува на победа на Украина.

Групата историчари сега изјави дека сака социјалдемократите „конечно да смислат стратегија за украинска победа“ бидејќи рускиот претседател Владимир Путин „има интерес да стави крај на војната само ако се соочи со сила“.

Не е првпат Шолц да биде критикуван на оваа тема од редовите на неговата трипартиска владина коалиција, иако неговата партија главно остана тивка.

СПД на Шолц има историја да биде обвинета дека води политика премногу блага кон Москва – критичарите ги нарекуваат застапниците на оваа попустливост „Russlandversteher“ – што тие го поврзуваат со Ostpolitik на поранешниот германски канцелар Вили Брант за време на Студената војна.

На почетокот на овој месец, партијата забележа метеж откако се појавија повици Украина да се придвижи кон преговори со Русија, при што парламентарниот лидер на СПД предложи потреба „да се размислува како да се замрзне војната“.

Во своето писмо, историчарите критикуваа дека „политиката што ја водат некои [членови] под звучниот збор ‘партија на мирот’ функционира со кратковидна идеја за мир“.

Критиката доаѓа откако еден од гласните поборници на СПД за воена поддршка за Украина, Михаел Рот, пратеник и поранешен министер за Европа, најави дека ќе се повлече од функцијата на следните избори, наведувајќи ја нарушената атмосфера околу ова прашање како причина за неговото заминување. .

Шолц досега отфрли каква било критика за неговиот пристап, што тој го потврди во средата (27 март).

„Сигурен сум дека многу граѓани се согласуваат дека прашањето за безбедноста во Европа е во добри раце со мојата влада и со мене“, изјави Шолц за новинарите по состанокот со летонскиот премиер Евикан Силина. (Еурактив)