Остар пад на Волстрит на почетокот на седмицата

Берзанските индекси остро паднаа на њујоршки Волстрит во понеделникот поради геополитичките тензии и бидејќи станува сè појасно дека американската централна банка Федералните резерви (Federal Rezerve – Fed) нема да ги намали каматните стапки толку брзо како што се очекуваше.

Индексот Dow Jones загуби 0,65 отсто, на 37.735 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,20 отсто, на 5.061 поен, а индексот Nasdaq загуби 1,79 отсто, на 15.885 поени.

Остриот пад на индексите втор ден со ред се должи, меѓу другото, и на тензиите на Блискиот исток, откако Иран во саботата вечерта лансираше серија беспилотни летала кон израелска територија, а Израел најави одмазда.

Покрај тоа, сè појасно е дека американската централна банка нема да брза со намалување на каматните стапки бидејќи инфлацијата останува покачена.

Вчера беше објавено дека продажбата на мало во САД пораснала за 0,7 отсто месечно во март, што е значително над очекувањата на аналитичарите. Ова покажува дека потрошувачите не забавуваат и покрај повисоката инфлација и дека растот на потрошувачките цени може да продолжи. Поради ова, надежите на инвеститорите дека Fed ќе почне да ги намалува каматните стапки во јуни речиси целосно исчезнаа.

Под притисок се најдоа и индексите S&P 500 и Nasdaq поради остриот пад на цените на акциите на „Apple“ и „Tesla“. Цената на акцијата на „Apple“ падна откако беше објавено дека продажбата на паметните телефони iPhone паднала за околу 10 отсто во првиот квартал, а „Tesla“ откако беше објавено дека поради падот на продажбата, компанијата ќе отпушти околу 10 отсто од своите вработени ширум светот.

А на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,38 отсто, на 7.965 поени, а франкфуртски DAX зајакна за 0,54 отсто, на 18.026 поени, а париски CAC 0,43 отсто, на 8.045 поени.