Што Македонија може да научи од Александар Волкановски, светски ММА шампион со македонско потекло?

Александар Волкановски е австралијанец со македонско потекло. Тој е ММА практичар и не е само шампион кој ја одбранил титулата три пати во перо категорија (до 65 кг) во најпрестижната ММА организација на светот UFC, туку е на второ место во вкупната ранг-листа во сите категории во UFC. Тој е на апсолутниот врв на спортот во светски рамки.

Неговиот рекорд е 24-1 и има само еден пораз, што е исклучително ретко во ММА, особено на највисоко ниво. На настанот UFC 276: Adesanya vs Cannonier, Волкановски ќе ја одбрани титулата по четврт пат против Макс Холовеј во Невада, Лас Вегас на 2 јули 2022 година.

Македонско потекло и домашна храна

За жал тој ја застапува Австралија и во своите интервјуа ретко ја споменува Македонија. Роден е во Австралија во 1988 година, а неговите родители се од Македонија (Беранци) и од Грција.

Иако секој жител на нашата држава треба да се гордее со ова име кое (индиректно) ја претставува Македонија, сепак фактите зборуваат поинаку. Освен на сајтовите специјализирани за боречки вештини, текстови за него по Македонските медиуми речиси и да нема. Во последно време „чат-пат“ се појавува по некој, но недоволно.

Од друга страна и самиот Волкановски не ја споменува Македонија и не се појавува со Македонско знаме на настаните, кога е најпотребно. Сепак, да бидеме искрени, да пораснал во Македонија никогаш немаше да го достигне тоа ниво во спортот. Во интервјуата самиот многу ретко споменува дека е од Македонија и тоа е почесто исклучок отколку правило.

Во интервјуто во Сиднеј од 21 јуни, со Израел Адесања (од Нов Зеланд со потекло од Нигерија), еден од најкреативните и највешти ММА практичари, откако е прашан каков Бурек сака, тој изјавува дека освен бургери со месо од кенгур сака бурек со сирење. Израел, вечното дете кое сака да знае се, потоа го прашува што е бурек, а тој одговара дека е вид тесто. Потоа друг посетител го прашува дали ќе јаде кифли, бурек или мазник по настанот, а Волкановски одговара дека би сакал од се и дека татко му го учи како да готви македонска храна.

Тука завршува муабетот за Македонија и се отвораат други теми. Неговата средба со Макс Холовеј е трета по ред, и не е тајна дека публиката го сака младиот Хавајчанец, кој е симпатичен на свој посебен начин. Во двата претходни меча Волкановски е победник, останува да видиме што ќе биде по третиот. Волк најавува дека ќе се качи една категорија погоре и ќе го предизвика шампионот, со што, ако победи би станал двоен шампион, а во целата историја на UFC до сега имало „на прсти да ги броиш“ такви шампиони.

Сепак, публиката почнува да го сака, а за тоа освен неговото ММА педигре и тоа што е зборлест, е заслужен и неговиот шарм, како и Јутјуб каналот каде што честопати и готви.

Случајот на професионалниот македонски боксер и европски шампион Горјан Славески

Се чини дека за нашиот професионален боксер Горјан Славески се пишува повеќе по медиумите. Сепак тој е роден во Скопје, ја претставува Македонија, за него медиумите пишуваа уште во 2015 година, беше дел и од спот на ДНК, а општината Ѓорче Петров му додели благодарница. Кога во 2021 година ја освои европската УБФ титула во бокс тој беше присутен во домашните медиуми, но колку?

Со кратка проверка за бројот на вести од 25.04 кога ја има освоено титулата до 01.05.2022 (една недела), дознаваме дека таа вест е пренесена разочарувачки 11 пати! За споредба, како што пишувавме, веста за „фрлањето на знамето“ на нашиот претставник на Евровизија, Андреа, во медиумите беше пренесена 237 пати во само едно деноноќие!

Горјан вчера настапи на BKFC 26, настан кој е светски познат и извојува победа. Колку ќе го има во нашите медиуми, што мислите? Сепак, што можеме да научиме од ова?

Што може Македонија да научи од Волкановски и од ММА светот?

Да се навратиме на проблемот на Волкановски. За нас сите, жители на оваа држава која толку грчевито се бори за признавање на нашиот идентитет во светот се чини како златна шанса да имаме шампион во спорт кој секој ден станува се попопуларен.

Треба да пишуваме за него во сите медиуми, а Македонската Агенција за млади и спорт (а зошто немаме Министерство за спорт е друго прашање) треба да му го труби името насекаде и да преименува спортски сали според него. Треба да го потсетиме зошто треба да биде горд Македонец, па можеби и ќе му текне да ја споменува Македонија почесто.

Сепак, овој спорт е непознат кај нас и нема добра репутација. Порано дури и во светот на овие ММА практичари се гледало како на силеџии, но денес со помош на Јутјуб стануваме свесни дека се работи за многу интелигентни луѓе кои решиле својот живот да го посветат не само на усовршување на умот, туку и на максимални постигнувања на телото. При тоа е потребна челична дисциплина и издржливост, силен карактер, волја, ниво на мајсторство во повеќе борбени вештини и многу други нешта.

Џо Роган, еден од главните пропоненти и заслужни за популарноста на ММА, овие вештини ги вика „High level problem solving with dire physical consequences“ („Решавање на проблеми на високо ниво со физички последици“). Замислете го како „физички шах“, зашто ММА практичарите честопати се во позиција на проучување на противникот и предвидување на неговите идни потези.

Затоа, ако нешто можеме да научиме од ММА и Волкановски, е да си ги планираме идните потези, да вложуваме во самоунапредување преку инвестиции не само во сегашноста, туку и во иднината, да бидеме подготвени на жртви и никогаш да не се предаваме. Тогаш, и можеби дури тогаш, ќе ни го признаат идентитетот и ќе бидеме горди не само на себеси, туку ќе застанеме гордо и пред светот.

One thought on “Што Македонија може да научи од Александар Волкановски, светски ММА шампион со македонско потекло?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *