Приватните превозници денеска целосно го парализираа главниот град со блокада на неколку клучни точки односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, „Црвен крст“, како и на булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје
Владата има механизам за запирање на блокадата на главниот град од приватните превозници. Автобусите може насилно да бидат тргнати од улиците, но засега само се следи ситуацијата, изјави вечерва во Днеевникот на ТВ Сител министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.
„Еве, да се исцрпат сите можности за разрешување на проблемот, па Владата презема мерки, затоа што веќе не е само облигациониот однос и долгот од 1 милион кон приватните превозници. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот“,
рече Пенов.
Според него, протестот и блокадите не се насочени ниту кон ЈСП, ниту кон градоначалничката Данела Арсовска, туку кон граѓаните. Долгот ако е 1 милион, тогаш штетата од блокадите само денеска е 1 милион, посочи Пенов.
Министерот е дециден дека ова е политички протест, како што беше протестот на „Гласот на светлината“, бидејќи има начин долгот кон приватните превозници да се исплати.
„Советот може да и наложи на градоначалничката од некоја ставка од Буџетот да одвои пари за исплата на долгото, но тоа не се прави, туку се оди со политички памфлети“,
посочи Пенов.
Приватните превозници денеска целосно го парализираа главниот град со блокада на неколку клучни точки односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, „Црвен крст“, како и на булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје.
Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски изјави дека блокадите ќе останат на постојните места сè додека не се седне на маса и не се најде решение согласно законот и одлуката на Град Скопје.
Тој изрази жалење што приватните превозници, по неколкуте обиди да седнат и да се договорат, односно да бидат примени од градоначалничката на Скопје, морале на ваков начин со блокада на крстосници да го изразат својот револт и да го свртат вниманието на јавноста кон нивните позиции.
Јовановски истакна дека со ваквото неодговорно однесување на градоначалничката приватните превозници ја губат својата работа и истовремено систематски се нарушува јавниот интерес.
Град Скопје минатата недела го раскина договорот со здружението на приватните превозници „Слобода превоз“. Причината за раскинување на договорот, како што беше наведено во соопштението од Град Скопје, е неисполнување на обврските кои произлегуваат од него.