Економија 26.03.2024 09:45

Волстрит ослабе на почетокот на седмицата

Волстрит ослабе на почетокот на седмицата

На Волстрит берзанските индекси паднаа во понеделникот, бидејќи инвеститорите и натаму се претпазливи откако цените на акциите се искачија на рекордно ниво минатата седмица.

Индексот Dow Jones загуби 0,41 отсто, на 39.313 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,31 отсто, на 5.218 поени, а индексот Nasdaq 0,27 отсто, на 16.384 поени.

Минатата седмица индексите скокнаа за повеќе од 2 отсто, што е нивна најголема неделна добивка оваа година, откако челниците на американската централна банка останаа на своите проценки дека оваа година би можеле трипати да ги намалат каматните стапки. Ова ги охрабри инвеститорите бидејќи стравуваа дека Fed ќе го одложи намалувањето на каматните стапки во јануари и февруари поради зголемената инфлација во САД.

На пазарот позитивно влијаеше и зголемувањето на прогнозата на шефот на Fеd за економски раст оваа година од претходните 1,4 на 2,1 отсто. Сепак, сите добри вести веќе се вградени на пазарот, кој расте веќе петти месец со ред, па прашање, велат аналитичарите, е дали сѐ уште има простор за раст на цените на акциите.

Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе бидат новите податоци за инфлацијата во САД и европските земји, кои би можеле да укажат кога централните банки ќе почнат да ги намалуваат каматните стапки.

Минатата седмица инвеститорите беа пријатно изненадени од швајцарската централна банка, која неочекувано ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени на 1,5 отсто. Таа е првата голема централна банка која ги намали каматните стапки, по долгиот циклус на затегнување на монетарната политика, што на пазарот се гледа како прв сигнал дека борбата против инфлацијата во западните земји е речиси добиена.

Внимателно вчера се тргуваше и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,17 отсто, на 7.917 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,30 отсто, на 18.261 поен. Парискиот CAC остана речиси непроменет на 8.151 поен. ()