ГРАД СКОПЈЕ ГО ПУШТИ ЦЕЛОСНО ЗА СООБРАЌАЈ МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“, А СÈ УШТЕ НЕ ГО ДОБИЛ ИЗВЕШТАЈОТ ОД ПРОБНОТО ТОВАРЕЊЕ 

    ГРАД СКОПЈЕ ГО ПУШТИ ЦЕЛОСНО ЗА СООБРАЌАЈ МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“, А СÈ УШТЕ НЕ ГО ДОБИЛ ИЗВЕШТАЈОТ ОД ПРОБНОТО ТОВАРЕЊЕ Според нашите информации, извештајот покажува дека мостот е безбеден, односно по пробното товарење резултатите се сосем исти како оние во 2005, кога беше изграден и пуштен во употреба. (Фото: К. Попов)

    Од вчера, пуштени се за сообраќај сите четири летни на мостот „Беласица“ во Скопје, кој беше опожарен на 12 мај лани. Иако мостот е пуштен целосно за сообраќај, од Град Скопје нема никакво соопштение за јавноста и информација за состојбата на мостот и што покажале резултатите од пробното товарење.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, драфт-верзијата на извештајот од пробното товарење е готова, но не е испратена до ЕСМ и Град Скопје, па нема официјален документ врз основа на кој е одлучено да се пушти мостот. Според нашите информации, извештајот покажува дека мостот е безбеден, односно по пробното товарење резултатите се сосем исти како оние од 2005, кога беше изграден и пуштен во употреба.

    Експертизата за мостот „Беласица“ ја правеше професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени. Пред десет дена, тимот на Гаревски правеше пробно товарање на мостот, при што беа поставени шест камиони со вкупна тежина од 216 тони. Тогаш Гаревски на својот фејсбук профил напиша дека „битката за мостот ‘Беласица‘ падна, мостот не падна“.

    Извештајот, кој беше направен од Гаревски, покажа дека мостот нема сериозни оштетувања и треба да се направи лесна санација.

    „Драфт-верзијата е предадена во Градот. Степенот на оштетување, според квалификациите прифатени во светот, спаѓа во лесни. Има позабележително опаѓање на бетон, но каблите не се откриени, ниту оштетени. На мостот не му е потребно зајакнување, бидејќи од визуелната слика, што ја добивме од дрон, се гледа дека каблите за преднапрегање не се оштетени, односно не се здобиле со висока температира. Оштетен е само бетонот и треба на долната плоча да се постави заштитен бетон”, кажа лани во јуни Гаревски.

    Градоначалничката Арсовска после пожарот на мостот се скара со деканот на Градежниот факултет Горан Марковски, откако тој предупреди дека се потребни сериозни испитувања и дека мостот ќе биде затворен најмалку една година. Арсовска рече дека Марковски е самонаречен експерт кој по пижами од дома давал анализи за мостот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира