Родри е талисман на Сити, со него во тимот Граѓаните немаат пораз повеќе од 400 дена

Манчестер сити и Арсенал до самиот финиш ќе водат битка за титулата во Премиер лигата, еден од главните адути на Граѓаните е дефанзивниот играч за врска Родри. Шпанскиот репрезентативец по неколку основи го има запишано своето име во клупската историја на Манчестер сити.

Тој беше стрелец на единствениот гол во финалето од Лигата на шампионите, кога Сити пред помалку од една година, во финалето со 1:0 го победи Интер. За англискиот тим тоа беше историска прва европска титула, а Родри ќе се памети како стрелец на тој „златен“ погодок.

Освен што беше херој во финалето на ЛШ, Родри има и една неверојатна низа, која ја продолжи по вчерашната победа над Нотингам форест. Кога Родри е на теренот во дресот на Манчестер сити, тимот нема пораз дури 70 меча по ред.

Едноставно, повеќе од 400 дена Родри во дресот на Граѓаните во сите натпреварувања не ја почувствувал тагата по пораз.

Манчестер сити во финишот на оваа сезона има шанса да се радува и на трофејот во ФА купот, каде што ќе игра во финалето против градскиот ривал Манчестер јунајтед.

- Оглас -

Најнови вести