Да ја вратиме љубовта кон својот дом и здружено да го исчистиме ѓубрето околу нас!

77

На 17, 18 и на 19 мај, по четврти пат, „Мен анд маунтен“ ќе ја организира големата еколошка акција „Генералка викенд“, која почна во 2021 година. Иницијаторката Гордана Софија, во разговор за весникот ВЕЧЕР, вели дека годинава за прв пат во акцијата ќе учествуваат сите 81 општини. – Минатата година имавме повеќе од 15.000 учесници, а годинава очекуваме уште поголема број. Не само што учествуваат повеќе од 300 училишта во ова движење туку и вработени во општините, јавни и приватни претпријатија, спортски и пензионерски клубови, невладини организации, странци, како и Армијата, Црвениот крст и многу други поединци и организации. Масовна е затоа што ја покажува способноста на луѓето во Македонија да се соочат со своите проблеми и активно да направат промени на подобро – вели Софија и нагласува дека, поради многу политички случувања во изминативе 30 години, луѓето се разочарани и ги имаат загубено љубовта и довербата кон сопствената земја и оти со оваа акција сакаат ја вратат таа љубов и луѓето повторно да го засакаат својот дом и да се грижат за него

„Мен анд маунтен“ и годинава, четврти пат по ред, ќе ја организира масовната еколошка акција „Генералка викенд“. Како што објасни иницијаторката на акцијата, Гордана Софија од оваа организација, почетната идеја била да се здружат сите луѓе сами да преземат одговорност за сопствениот дом, бидејќи, како што вели, дом не е само нивната куќа туку и она што е надвор од неа. Додава дека, поради многу политички случувања во изминативе 30 години, луѓето се разочарани и ги имаат загубено љубовта и довербата кон сопствената земја и оти со оваа акција сакаат ја вратат таа љубов и луѓето повторно да го засакаат својот дом и да се грижат за него. Токму за тоа, во акцијата се здружени сите слоеви на општеството, сите граѓани, институции…

Целиот проект е насловен „Зелена сончева“, а се состои од два дела. Пролетниот е „Генералка викенд“, а есенскиот –  „Сончева гора“. Бидејќи граѓаните чистат напролет, наесен следува пошумувањето, како придонес за нивниот дом. Токму затоа, во проектот се вклучуваат и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми, кои садат по едно дрво за секои 10 килограми собран отпад. Во изминатава година и пол, насадени се 100.000 дрвја. Дел од нив се насадени во Петровец, а дел околу езерото Младост. Мотото на целиот проект е „Да го исчистиме отпадот од минатото и да го рециклираме во зелена иднина за сите нас и идните генерации“.

Гордана Софија, во разговор за весникот ВЕЧЕР, изнесе детали за годинашниот „Генералка викенд“.

Се подготвувате за најмасовната еколошка акција „Генералка викенд“ во државата. Кога почнува акцијата и кога велиме „најмасовна досега“, што значи тоа, кој сè ќе учествува?

Од 2021 година, заедно со нашите долгорочни стратешки партнери – Пивара Скопје и „Пакомак“, ја организираме „Генералка викенд“. Годинава за прв пат во акцијата ќе учествуваат сите 81 општина во нашата држава. Граѓаните ќе излезат и ќе ја исчистат својата непосредна околина во периодот 17, 18 и 19 мај. Минатата година имавме повеќе од 15.000 учесници, а годинава очекуваме уште поголема број. Не само што учествуваат повеќе од 300 училишта во ова движење туку и вработени во општините, јавни и приватни претпријатија, спортски и пензионерски клубови, невладини организации, странци, како и Армијата, Црвениот крст и многу други поединци и организации. Масовна е затоа што ја покажува способноста на луѓето во Македонија да се соочат со своите проблеми и активно да направат промени на подобро.

Од каде започнувате?

Има повеќе од 250 локации низ целата земја што ќе бидат исчистени и повеќето од нив започнуваат во петок, на 17 мај, во 9 часот изутрина. Можеме само да ви препорачаме да ја посетите нашата почетна страница https://www.generalka-weekend.com ако кликнете на локации и ја изберете оттаму општината во која сакате да учествувате.

Кои се вашите очекувања од годинашниот „Генералка викенд“ и за одѕивот во акцијата?

Немаме никакви очекувања, но градиме примери: пример за тоа што е можно кога сите ја следиме истата цел; пример како можеме сите заедно да работиме надвор од нашите политички и етнички граници; пример за покажување солидарност со луѓето во вашиот град, со вашите соседи и со вашето семејство. Овие примери се доказ дека можеме многу подобро ако само си веруваме еден на друг и го правиме тоа заедно.

Какви беа резултатите од минатогодишниот „Генералка викенд“ и колкава количина отпад беше собрана?

Од 2021 година, повеќе од 25.000 луѓе учествуваа на „Генералка викенд“, секоја година и заедно собравме повеќе од 600.000 килограми пластика, хартија, стакло, метал, електронски отпад, градежен и кабаст отпад, органски и друг мешан отпад. Врз основа на тој број и во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми, за секои 10 килограми собран отпад беше посветено и насадено по едно дрво, во рамките на нивните годишни планови за пошумување. Она што звучи малку комплицирано, сепак, на крајот има лесен резултат. Досега беа насадени близу 100.000 дрвја врз основа на заложбата на луѓето што учествуваа во „Генералка викенд“.

Имаме ли доволно свест, по чистењето спроведено во рамките на ваквите акции, површините да останат чисти подолго време?

Мораме да нагласиме дека секоја година бележиме значителен раст на свесноста кај граѓаните, комуналните компании, како и приватниот сектор. Најдобар доказ за оваа промена е живописното партнерство со некои од најдобрите компании во нашата земја како „Нула отпад“, „Бучим“, ЕВН, Шпаркасе банка, „Макстил“, „Бимилк“, „Костал“ и Црвениот крст. Овие компании и организација активно ги трансформираат своите бизниси според највисоките европски стандарди за да обезбедат еколошка и социјална одржливост.

Но, причината за тоа што секојдневно гледаме толку многу нелегални депонии, ѓубришта низ нашите полиња, реки, патишта, езера… во нашите градови и во природата е вкоренета најмногу во структурните и систематските проблеми. Нашиот комунален систем не е ефикасно поддржан, примарната селекција на отпадот сè уште не е спроведена и затоа овие локации се преплавени со непотребен отпад до степен што повеќе никој не може да се справи со тоа.

Наместо да се инсталира циркуларна економија за отпад, општините се душат во отпад и неплатени фактури од депониите.

Овој систем што го имаме кај нас е одамна скршен и има потреба од фундаментална промена. Не само што граѓаните се фрустрирани и очајни туку и луѓето во општините и комуналниот систем се парализирани од хаотичните околности, кои го блокираат нашето општество на повеќе нивоа.

Македонски херој беше тој што го пресече Гордиевиот јазол и мора да се повтори тоа во оваа земја ако сакаме да имаме иднина за нас и за нашите деца. Овој херој денес веќе не е само еден човек, овој херој е сплотен како народот на Македонија и време е да се пресече тој јазол сега и засекогаш.

Анела Петрова