Хамас објави снимка од заложник, му недостасува дел од раката: Семејството го виде за првпат од 7 октомври/ВИДЕО

617

По повеќе од 200 дена Хамас емитуваше видео снимка од Израелец кој беше киднапиран во нападот на 7 октомври. Како што јавува Би-Би-Си, се работи за Херш Голдберг-Полин (23), Израелец кој има и американско државјанство, кој бил киднапиран на музичкиот фестивал „Супернова“.

На видеото се гледа дека на Херш му недостасува левата подлактица како последица на експлозијата на граната што се обидел да ја исфрли од скривалиштето каде што барал засолниште за време на рацијата на членовите на Хамас. Не е познато кога е снимено видеото, а ова е прв пат по повеќе од 200 дена неговите родители да го видат својот син и се надеваат дека Херш е сѐ уште жив. Тие ги повикаа властите во Израел, Хамас, САД, Египет и Катар да направат сѐ за да постигнат договор за ослободување на заложниците.

Неделните преговори со посредство меѓу Израел и Хамас пропаднаа бидејќи Хамас одбива да ослободи 40 заложници во замена за шестнеделно примирје. Се верува дека оваа терористичка организација држи уште 133 заложници, а 30 од нив загинале како последица на израелските бомбардирања.

Како што пренесува „Скај њуз“, Херш ја искористил својата кошула за да го запре крварењето откако бил ранет. Во видеото тој го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека не направил сѐ што е во негова моќ за да ги ослободи заложниците.

Тој изјави дека киднапираните Израелци живеат „во подземен пекол без вода, храна и сонце“. На видеото тој носи црвена кошула и седи пред бел ѕид. Емотивното видео завршува со порака што тој ја испратил до своето семејство во која им вели „останете силни“ и дека „многу ги сака“.

Неговиот татко Џон набргу потоа проговорил, велејќи дека е среќен бидејќи по повеќе од 200 дена го слушнал гласот на својот син:

– Те сакаме, остани силен, опстани. Ни олесни што го видовме жив, но загрижени сме и за неговото здравје, како и за сите други заложници и сите оние кои страдаат во овој регион.

Мајката на Херш, Рејчел Голдберг-Полин снимила порака за нејзиниот син:

– Херш, ако можеш да нѐ слушнеш, го слушнавме твојот глас денеска за прв пат по 201 ден. Ти велам, ти кажуваме дека те сакаме, остани силен, опстани.

Наскоро зборуваше и Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили (ИДФ). Како што пренесува „Тајмс оф Израел“, тој рекол дека видеото е повик за акција и дека израелската армија ќе стори сѐ да ги пронајде сите заложници.

Потсетуваме, по договорот меѓу Хамас и Израел, во ноември беа ослободени 105 заложници во замена за еднонеделно примирје и ослободување на околу 240 Палестинци од израелските затвори.