1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опожарен симболот на Скопје - се бара брза истрага

ДТЗ
9 април 2024

Пожарот се случува за време на реновирањето на салата, која што треба да биде носител на активностите во градот, кој беше избран за Европска престолнина на културата во 2028 година.

https://p.dw.com/p/4eZF2
Универзална сала
Опожарен симболот на Скопје - зошто се запали Универзална сала?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Силен пожар ја зафати куполата на Универзалната сала во Скопје, при што е причинета материјална штета. Жртви во пожарот нема, но две лица се хоспитализирани откако вдишале чад. Во огнот кој беше локализиран по интервенцијата на скопските пожарникари, изгоре куполата на салата каде се во тек градежни зафати. 

„Пожарот во Универзална сала е локализиран и нема опасност од негово ширење“, информираше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Скопската Бригада за противпожарни задачи и понатаму е на терен. Во изјава за ДВ, скопските пожарникари велат дека сè уште не можат да се утврдат причините за пожарот. Внатрешноста на објектот е опожарена, а паднал и покривот, поради што се работи на расчистување на теренот, со цел да се изгаснат сите жаришта. 

Пожарот во Универзалната сала се случил во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, плочки, додека новиот дел не е зафатен. Лазар Арсовски, сопственик на „Универзал Балкан“- Скопје, фирмата изведувач што го реконструира објектот, вели дека е можно пожарот да бил предизвикан од стар кабел или од старата инсталација. Во моментот кога избувнал огнот, внатре немало нивни инженери и работници бидејќи денеска немале градежни активности.

Универзална сала пожар
Објектот е осигуран, што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата која што е направена и потоа ќе се продолжи со градбаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пријава на 112

Густиот чад којшто изутрината почна да се шири над Универзалната сала беше видлив од повеќе локации во градот. Од Центарот за управување со кризи информираа дека на Единствениот број за итни случаи 112 е добиена пријава за пожар на отворено кој се шири над објектот на Универзалната сала лоцирана на Булевар „Партизански Одреди“, во Скопје.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека не постои опасност по другите објекти во близината. Според првичните информации немало никој во зградата. Герасимовски апелираше граѓаните да го избегнуваат овој дел од градот додека трае интервенцијата. 

Што го предизвикало пожарот?

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека нема жртви, предизвикана е само материјална штета и набрзо ќе се утврди колкава е штетата пред да се продолжи со градба. Таа испрати апел за брзо расчистување на случајот.

„Вознемирена сум од ова што го гледаме зад нас. Утринава околу 9 часот бевме информирани дека изби пожар во Универзална сала и веднаш дојдовме тука. Повикувам за брзо постапување од страна на сите институции, тука со нас се присутни и претставници од надзорот, од изведувачите, од фирмата која што ја гради Универзална сала и апелирам за брзо расчистување на причините за пожарот.  Апелирам да не се шират шпекулации', рече Костадиновска-Стојчевска.

Објектот е осигуран, што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата која што е направена и потоа ќе се продолжи со градба.

Униврзална сала пожар
Пожарот се случува за време на реновирањето на концертната сала, надлежните бараат брза истрага Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Објектот не е безбеден“

Пожарот се случува во момент кога се одвиваат градежни зафати за реновирање на салата, која што треба да биде носител на активностите во градот, кој беше избран за Европска престолнина на културата во 2028 година. 

Скопската градоначалничка, Данела Арсовска вели дека две години јавно зборувале дека проектот за Универзална сала, кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година, е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи ни може да се гради.

„Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме! Две години укажувавме дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата која е спротивна на проектот, дека нема шанси никој од градот да потпише градба и продолжи било каква реализација“, вели Арсовска во објава на Фејсбук..

Советниците во Советот на Град Скопје на седница во јули 2023 година одлучија Министерството за култура да ја преземе Универзална сала и нејзината реконструкција.

„По неколку месеци мистериозно гори Универзална сала, наместо да се ревидира што правел изведувачот. МВР итно да ги истражи причините и доколку за истото се детектира дека е во прашање човечки фактор и мотивирано е од погрешната и небезбедна градба за што има соодветна документација, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност“, вели Арсовска.

Во ек на реконструкција

Универзална сала почна да се реновира пред еден месец, откако претходно неколку години мируваа градежните зафати. Реновирањето на салата претходно беше стопирано, по доаѓањето на функција на скопската градоначалничка Данела Арсовска, по што обновата на салата ја презема Министерството за култура. 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на 25 март на Фејсбук објави дека Универзалната сала во Скопје доби нова купола. Со замена на старата купола всушност започна првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието.

Универзална сала пожар
За реконструкцијата на Универзална сала беа обезбедени вкупно 120 милиони денариФотографија: Petr Stojanovski/DW

За реконструкцијата на Универзална сала беа обезбедени вкупно 120 милиони денари, а предвидени се средства и за следните две години. За 2025 година се обезбедени 443 милиони денари, а истата таа сума се предвидува и за 2026 година. Универзалната сала треба да биде готова за три години.

Душко Поповски, поранешен директор на Универзална сала, за медиумите изјави дека е добро што објектот се запалил празен и што не се урнал. Тој вели дека ваков објект не смеел да работи и дека во периодот од 2005 до 2009 година, кога тој бил на раководната функција, имало проект за реконструкција и градба, но не се реализирал.

„Универзалната сала е синоним за сите луѓе, веројатно попрепознатлив и од старата железничка и од Зоолошка градина и од сите објекти во оваа држава“, вел Поповски, кој го посети опожарениот објект.

„Бев тука директор од 2005 до 2009 година, време во кое што и тогаш беше преамортизиран објектот, дури беше и на граница на употреблива вредност, значи ваков објект од времен карактер не смееше да работи во такво светло повеќе од 40 или 50 години“, рече Поповски.

 

Скопје без својот симбол - Универзалната сала