Пишува: Амб. ЛАРИСА ДИР
Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
Март. Буча.
Во првите денови од април 2022 година, светот дозна за воените злосторства на Русија во Буча, Ирпин, Мариупол, Гостомел, извршени од руските воени сили во февруари и март 2022 година.
Фактите за ѕверствата извршени од вооружените сили на Руската Федерација – бројни убиства, киднапирања, незаконско затворање на луѓе, нивно мачење, силувања, сквернавење на телата на убиените и измачуваните, егзекуции на луѓе, цели семејства, вклучително и деца кои се обидувале да се евакуираат од окупираните населени места – беа масовни. По ослободувањето на териториите окупирани од Руската Федерација, станаа познати морничавите факти за нехуманите и цинични, крајно брутални акти.

Според податоците на Обвинителството на Кијивска област, за време на едномесечната окупација на само едно мало гратче – Буча, руските војници убија над 600 цивили. Последиците од оваа трагедија се исклучително тешки.
Злосторствата на руските воени сили во Буча се документирани. Руските војници сè уште не се казнети, но тоа не го менува фактот дека тие извршија злосторства. Злосторството на Русија продолжува. Украина продолжува да се бори.
Во март 2023 година, партнерите на Украина ја поддржаа Бучанската декларација за одговорност за најтешките злосторства според меѓународното право извршени на територијата на Украина. Претставниците на држави и меѓународни организации кои се собраа на 31 март 2023 година за учество во Бучанскиот самит за одговорноста на Русија за злосторствата во Украина потврдија дека одговорните за планирање, водење и извршување на злосторството агресија против Украина не смеат да останат неказнети. Тие ја повикаа меѓународната заедница да разгледа соодветни мерки, вклучително преку создавање на соодветен механизам на правдата, со цел да се обезбеди ефикасна одговорност за злосторството агресија. Ја цениме поддршката на Северна Македонија за оваа декларација.

Русија намерно ги насочува воените дејства кон цивилното население, цивилните објекти и објектите што уживаат посебна заштита – болници, училишта, градинки, создавајќи животни услови кои се насочени кон физичко уништување на украинското население.
На 8 март 2025 година, Русија изврши свиреп комбиниран напад врз Добропиље во Донецката област. Нападот беше прецизно испланиран за да нанесе максимална штета – Русите удрија повторно во истиот момент кога на местото на трагедијата пристигнаа спасувачките служби. Оваа убиствена тактика Русија ја применува од почетокот на неиспровоцираната агресија против Украина.
Украина прави сè што е можно за да ги заштити животите и ја цени помошта од партнерските земји кои ја поддржуваат Украина и кои ги осудуваат овие руски напади. Украина ќе продолжи да ги координира сите свои напори со партнерите за да ја зајакне одбраната и да направи сè што е потребно за да го приближи мирот.
И треба да се запамети дека, за жал, Русија, со својата секојдневна бруталност, постојано докажува дека од моментот кога руските воени злосторства беа извршени во Буча, во Кремљ не се сменило ништо во однос на нивната намера да ја уништат Украина.
Преземено: Цивил Медиа
Фото извор: Амбасада на Украина