Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Промоција на збирката поезија „Утроба од јаготки“ на Дамјана Видическа

Охрид, 24. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во петок, на 26-ти април 2024 година, со почеток во 17:00 часот, во Shilla – coffee & bar во Охрид ќе се одржи промоција на новата збирка поезија од охридската поетеса Дамјана Видическа.

„Утроба од јаготки“ е нејзина четврта книга, составена од песни напишани на македонски, англиски и германски јазик. Модератор на настанот, а воедно и соговорник ќе биде проф. д-р Татјана Срцева-Павловска.

„Утроба од јаготки“ во издание на издавачката куќа ТРИ, доловува сериозни стихови кои се сладострастни, оргазмични и омоќувачки, а воедно обработува и теми за телесна автономија, феминизам и женска болка.

– По разговорот сите присутни ќе имаат можност да уживаат во релаксирана атмосфера и да поразговараат со авторката, информираат организаторите.

PopUp Faces: Дамјана Видическа - PopUp

Дамјана Видическа е писателка, наставничка, преведувачка и застапничка за родова еднаквост, родена во Охрид во 1996 година. Преку нејзината проза, поезија и филмски проекти, таа ги предизвикува општествените норми и промовира омоќување. Има магистрирано англиски јазик и креативно пишување како Фулбрајт студент на Универзитетот во Мисури, САД. Пишува на три јазици – македонски, англиски и германски и ги истражува предизвиците кога станува збор за пишување на втор, немајчин јазик. Има објавено три книги: „Мојата фамилија“ (2009), „Седумте желби“ (2011) и „Бруклин“ (2015). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука