Во Битола ќе се гради нов противпожарен дом

38

Општина Битола ги заврши потребните постапки за реализација на шест големи проекти, од кои на еден веќе се работи, а за другите, согласно со планираната динамика, градежните активности ќе започнат во мај.

На врвот од шесте приоритети за овој период е започнувањето со реализација на капиталниот проект за изградба на нов противпожарен дом, со површина на приземјето од 386,4 квадратни метри, на катот од 386,4 квадрати, гаража и простор за седум противпожарни возила на површина од 830 квадратни метри.

Меѓу големите инвестиции на локалната самоуправа за оваа година е и проектот за реконструкција на спортската сала во Бистрица, со проценета вредност од 31.200.000 денари. Реконструкцијата ги вклучува приземјето на површина од 286 квадратни метри и галеријата од 100 квадрати. Приземјето вклучува мултифункционален простор за спортски активности и помошни простории во функција на спортските активности, додека главен дел во галеријата е гледалиштето за културни манифестации.

Инфраструктурното уредување во Општината вклучува и изградба на паркинг-простор и на спортско-рекреативни зони и спортски игралишта.

Дел од овие проекти е реконструкцијата на игралиштата во основното училиште „Елпида Караманди“, во вкупна вредност од 22.373.885 денари, што вклучува реконструкција на фудбалското игралиште на површина од 1.484 квадратни метри, игралиштето за кошарка на површина од 151 квадрат, за одбојка на 262 квадрати, фитнес-зоната на 220 квадратни метри и патеката за трчање на површина од 306 квадрати.

Ќе се реконструираат спортски игралишта и во Брусничка Населба. Општината, од својот буџет, ќе инвестира 3.293.203 денари за реконструкција на тениското игралиште на површина од 550 квадратни метри, кошаркарското игралиште од 420 квадратни метри и на фудбалското игралиште од 1005 квадрати.

Додека се работи на овие проекти, соодветно ќе биде уреден и паркинг-просторот кај „Декорпод“, на површина од 544 квадратни метри, а паралелно ќе бидат комплетирани започнатите проект за изградба на пешачка патека на потегот Тумбе кафе – Смолево, во вкупна должина од 1.930 метри и поставување бехатон плочки на површина од 902 квадратни метри, надополнето со урбана опрема и осветлување со поставување на фотоволтаични панели.