Вчера на прес-конференција актуелниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски соопшти дека Агенцијата во текот на месецов добила известување дека треба да изврши поврат на 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“, согласно извештајот на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ)
Финансиските средства од Европската Унија (ЕУ) за Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за програмата „Еразмус плус“ нема да се намалат и таа ќе продолжи и понатаму да се имплементира, изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
Изјавата на Гир, како одговор на новинарско прашање, доаѓа откако вчера беше соопштено дека Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побарала државата преку Националната агенција за европски образовни програми да врати 2,2 милиони евра кои биле злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“.
Прашан за наодите и обврската што ѝ е наложена на државата, Гир рече оти очекува С Македонија да продолжи да ги исполнува препораките од ОЛАФ.
Тој додаде дека согласно стандардите и процедурите не ги коментира одлуките донесени од ОЛАФ бидејќи станува збор за тело на Европската Унија задолжено за истражување на измами.
„Очекуваме од страна на Националната агенција за ‘Еразмус плус’ тука во Република Северна Македонија да продолжи да ги испорачува и да ги исполнува сите препораки коишто се дадени од страна на ОЛАФ. Се разбира дека ние продолжуваме да имаме доверба во работата на самата Агенција за ‘Еразмус’ што значи дека остануваме убедени дека количеството на финансиски средства кои што се определени за ‘Еразмус плус’ нема да се намалува, напротив ние сме среќни да споделиме со вас дека ‘Еразмус плус’ ќе остане да се имплементира и од неа ќе имаат придобивки младите, учениците, студентите и универзитетите во вашата земја“,
рече Гир одговарајќи на новинарско прашање по панел-дискусијата „Разобличување на антиродовите дезинформации“ на која беше еден од учесниците.
Вчера на прес-конференција актуелниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски соопшти дека Агенцијата во текот на месецов добила известување дека треба да изврши поврат на 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“. Националната агенција, како што беше соопштено, добила известување за конечност на одлуката откако претходно на 30 ноември 2023 година по електронска пошта од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) биле информирани за барањето за поврат.
Ѓоргиевски изјави дека во известувањето биле информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата „Еразмус плус“ финансирани од Европската комисија.
„Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2 276 212 евра кои биле доделени како грантови во временскиот период од 2016 до 2018 година“,
рече Ѓоргиевски.
Според Ѓоргиевски, откако го добиле известувањето, Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ. Целта, како што рече Ѓоргиевски, била „да ги дефинира следните чекори и сè што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето за истото се финализира“.
Тој, исто така, рече дека Агенцијата пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за доставување на информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ од каде им било соопштено дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Оттаму не информираа дека до Управата за финансиска полиција е пристигнат извештај од ОЛАФ и дека тој е доставен до надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средства од имот за борба против измами од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура согласно извештајот на ОЛАФ“,
додаде Ѓоргиевски.