29 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗападот упорно ни ги краде камионџиите – што може да ги натера...

Западот упорно ни ги краде камионџиите – што може да ги натера професионалните возачи да се вратат дома?

Во последните години, професионалните камионџии од Македонија се соочуваат со сериозни предизвици.

Се забележува намалување на бројот на возачи на автобуси и камиони во земјата, а домашните компании се во потрага по квалификувани кадри кои поседуваат Ц и Е категорија.

Зошто се случува ова?

Според експертите со коишто разговаравме, првата причина за намалувањето на бројот на камионџии е финансиската бариера.

„За полагање за Ц и Е категорија се потребни значителни финансиски средства и време, што не секој човек може да си го дозволи. Плус, додека во Македонија платата за камионџиите е околу 1.000 евра месечно, во земји како Германија и Шведска, месечната плата достигнува над 3.000 евра. Оваа разлика во плата натера многу млади и квалификувани возачи да заминат во странство, особено во скандинавските земји“, појаснуваат познавачите.

Денар на оваа тема разговараше и со камионџија од Кочани, кој постојано вози на релација Шведска-Германија.

„Возењето на камион е мојот начин на живот. Се чувствувам слободен на патот, но и се соочувам со предизвици. Во Македонија, платата не е задоволителна, а условите за работа не се споредуваат со оние во ЕУ. Затоа, многумина од нас заминуваат. Во Германија, работата е посериозна, платата е пристојна, а условите се подобри. На пример, во Македонија треба да работам 3 месеци, а во Германија само еден месец за истите пари. Но, сепак, сакам да се вратам дома, да го видам своето семејство и да го почувствувам мирот на нашите планини”, ни изјави 38-годишниот Никола Георгиев од Кочани.

Сепак, оваа миграција на камионџии има негативни последици за домашните компании и за пазарот во Македонија.

Недостигот на квалификувани возачи влијае на автобускиот и камионскиот транспорт, а компаниите се во потрага по нови начини за вработување и задржување на квалификуван кадар.

Експертите додаваат дека миграцијата на камионџии кон ЕУ е комплексен проблем кој бара системски пристап и соработка меѓу државата, компаниите и професионалните возачи.

„Само така можеме да го подобриме статусот на камионџиите и да го заштитиме автобускиот и камионскиот транспорт во Македонија“, порачуваат тие.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП