Рефлектор: Македонија е претпоследна земја од регионот по вложувањата во култура

„Македонија не го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, велат од „Рефлектор“ преку објавата на  инфографик, според кој земјава е на претпоследното место во регионот по средствата кои ги вложува во културата.

Со издвоени само 0,5 отсто од БДП, зад Македонија е единствено Албанија која двои 0.4 отсто од БДП за буџет за култура.

На првото место се наоѓа Хрватска со издвоени 1.5 отсто од БДП, Словенија е на второто место со 1.4 отсто, па Бугарија и Косово издвоени 0.7 отсто.

Од „Рефлектор“ велат дека податоците се извлечени од публикацијата „Националните финансиски политики во културата наспроти економско-социјалните услови за работа на независниот културен сектор; Документ за јавни политики; Анализа на државното финансирање на културата, со посебен осврт на независната културна сцена“.

Автор на публикацијата е економистот Бранимир Јовановиќ, а промоција на публикацијата се очекува во февруари годинава.