Ракометарите подготвени за нова битка: По триумф против Фарските Острови за мундијалска виза

Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва во 20 часот во Торшавн му гостува на националниот тим на Фарските Острови, во првиот дуел од  двомечот за пласман на СП 2025.

Според реномето Македонија ја има улогата на фаворит, но не смее да се заборави значителниот развој на ракометот во Фарските Острови, оваа селекција во јанаури 2024 го имаше своето деби на европските шампионати, а сега ќе се обиде токму против нашиот национален состав да стигне и до првиот мундијалски настап.

Македонија е доволно искусна за да одговори на овој предизвик, а нашите ракометари се свесни колку ќе значи позитивен резултат во Торшавн за успех во овој двомеч.

„Најважно е против Фарски острови да бидеме максимално фокусирани во текот на целиот меч. Секако дека ја гледам Македонија на следното Светско првенство“, вели голманот Никола Митревски.

Кај противникот владее еуфорија по настапот на ЕП во Германија на почетокот од оваа година, а во малата сала со капацитет од околу 2.000 гледачи домашните фанови сигурно ќе создадат одлична атмосфера под која нашите ракометари не смеат да потклекнат.

„Верувам во нашите момци и во нашиот квалитет. Имаме млада, но талентирана репрезентација која како поминува времето е се подобра и подобра. Ќе биде незгодно на гости бидејќи имаат мала сала која ќе биде преполна, па затоа ќе мора психички да се подготвиме за тој меч. Имаме максимален почит кон противникот, но се почитуваме и самите себе. Сметам дека шансите се подеднакви, но верувам дека имаме доволно квалитет да можеме да им се спротивставиме“, изјави Кире Лазаров во пресрет на денешниот натпревар.

Се вчитува...