11 претстави на фестивалот „Војдан Чернодрински“, автор во фокус е Горан Стефановски

Единаесет претстави во продукција на националните театри и шест претстави во придружната програма ќе бидат дел од  58 – то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп, под мотото „Промени се, промени сè“.

Годинешната програмата „Ново читање“ именувана од уметничкиот директор Ана Стојаноска, опфаќа две потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“. 

„Се решив да го прикажеме тоа што е современо и актуелно, истовремено во корелација со европските театарски трендови. Она што доминира во програмата е потребата да се најдат нови читања на стари теми, истовремено создавајќи поинаков третман на просторот. Доминантно во продукцијата беа повеќе камерните или ‘мали’ сцени наспроти големата сцена. Имаше неколку впечатливи камерни претстави работени според домашни автори, но не одговараа на концептот на ова издание на фестивалот. Тоа не значи дека беше естетички ограничена, туку создаде ново гледање и на драмите и на просторот. На македонската театарска продукција како и да ù фали сериозно истражување и на современите театарски тенденции, но и на сопствените театарски капацитети. На нашите театарски сцени им треба промена која се надевам ќе ја иницира фестивалот годинава, рече Ана Стојаноска.

Во потпрограмата „Новото читање на драмите од авторот на фокус – Горан Стефановски“, селектирани се:

1.„Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; 

2.„Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албански театар – Скопје; 

3.„Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип; 

4.„Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на ЦК „Антон Панов“ – Струмица. 

Во потпрограмата „Ново читање на класиците“ селектирани се:

1.„Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на Драмски театар – Скопје; 

2.„Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, продукција на Ц.К „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес; 

3.„Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Македонскиот народен театар; 

4.„Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на Турски театар – Скопје; 

5.„На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народен театар – Битола; 

6.„Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Театар Комедија; 

7.„Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на Театар за деца и младинци – Скопје.

Во придружната програма ќе бидат презентирани неколку претстави кои се во контекст на концептот на комплетната селекција:

1.„Кенди“ од Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, продукција на Театар „Златен Елец“; 

2.„Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Motion Network и НТ Штип; 

3.„Црна дупка“ од Горан Стефановски, дипломска претстава по театарска режија на Александар Јовановски, во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска, ФДУ Скопје; 

4.„Натчовек“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, продукција на Драмски театар „Стојан Бочваров“ – Варна;

5.„Поол“ од Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак, продукција на МКЦ и Хибрид. 

6.„Арт“ од Јасмина Реза, дипломска претстава на студентите по актерска игра од класата на проф. Дејан Пројковски, Универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје.

Фестивалот ќе биде отворен со настан во чест на добитниците на наградата за животно дело, што ќе се одржи во Центарот за култура, а потоа ќе следува изведбата на претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар.

Оваа година наградите за животно дело да ги добиваат актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов.

За време на фестивалот ќе се одржи еден ден комплетно посветен на Авторот во фокус – Горан Стефановски, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.

Во рамки на фестивалот ќе бидат одржани  пет работилници и  промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и странски автори. 

За наградите на фестивалот и годинава ќе одлучува тричлено меѓународно жири, во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.