РБ Лајпциг не го дава четвртото место, Елмас повторно доби шанса да игра десетина минути (Видео)

Фудбалерите на Ред Бул Лајпциг славеа со 1:2 на гостувањето кај Хајденхајм во рамки на 30-тото коло во Бундеслигата ѝ и избегаа на Борусија Дортмунд на табелата.

РБ Лајпциг е четврти на табелата со 59 бода, додека Борусија Дортмунд која утре ќе игра против новиот шампион Баер Леверкузен има три бода помалку.

Според новиот формат во Лигата на шампионите, Германија и Шпанија се борат да имаат пет екипи во ЛШ следната сезона, додека Италија која има најдобар коефициент сигурно ќе има пет претставници во елитното клупско натпреварување.

Доколку Реал Мадрид триумфира во ЛШ, а ниту една од трите останати германски екипи не победи во европските купови, тогаш Шпанија ќе има пет претставници во ЛШ. Во останатите случаи, Германија би имала подобар коефициент на крајот од сезоната и заедно со Италија би имале по пет екипи во ЛШ идната сезона.

Лајпциг поведе во 42-та минута со голот на Бенјамин Шешко, а домаќинот израмни во 69-тата минута преку Доведан.

Трите бода за фаворитот ги обезбеди Лоис Опенда со голот во 85-тата минута.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас кој во Рд Бул Лајпциг пристигна во зимскиот преоден рок, повторно ги одигра последните 10-тина минути од мечот.

Во дуелот на двете најслаби екипи, Дармштад како гостин со 2:0 славеше против Келн и извесно е дека овие два тима ќе играат во втората германска лига следната сезона.
Минимален триумф и тоа благодарение на голот на Винд, оствари Волфсбург против Бохум.
Најинтересниот и најефикасниот натпревар го одиграа Хофенхајм и Борусија Менхенгладбах. Домаќинот славеше со 4:3, и иако водеше со 3:1 во второто полувреме, победничкиот гол го постигна во првата минута од судиското продолжение преку Штах.

- Оглас -

Најнови вести