Македонија
Се собираат писмени изјави за да може да се достават парите од Црвениот крст за настраданите во пожарот, засега донирани 54 милиони денари

Над 54 милиони денари засега се собрани на сметката на Црвениот крст за настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, соопшти дека се во фаза на интензивна подготовка за достава на собраните средства во согласност со законските прописи. Донесена е одлука за секој настрадан да се исплати сума од 150.000 денари како првична финансиска и најитна помош.
Саити објасни зошто досега не се исплатени средствата. Како што рече, за да бидат префрлени, во согласност со Законот за личните податоци, потребни се трансакциска сметка и матичен број. За да ги користат овие лични податоци, според законот, неопходна е писмена изјава на лицето што го дава тој податок за натамошно користење.
„Викендов успеавме да ги собереме податоците за починатите. Се договоривме за лицата што се лекуваат во странство податоците да ги соберат заедничките служби на Владата и тие го прават тоа. Добивме дел од податоците, а остатокот ќе го добиеме во текот на денот. Ни останува уште еден предизвик – да ги собереме податоците и изјавите на повредените и на нивните семејства на лицата што се лекуваат во државата. Се надевам дека сето тоа ќе го завршиме денес и утре и веднаш пристапуваме кон исплата на средствата“, додаде Саити.
Тој е дециден дека непочитувањето на Законот за обработка на личните податоци е кривично дело и замоли на разбирање тврдејќи дека тоа е единствената причина зошто сѐ уште овие пари не се исплатени.
Телефонските линии ќе бидат отворени и во следните 10 дена бидејќи сѐ уште има голем интерес за донации од страна на граѓани, компании, институции.
Во врска со досегашната помош, Саити рече дека Цврениот крст доставил 200 ќебиња и постелнини и 10 инвалидски колички во болниците во Кочани. Во Штип и Скопје биле доствени по 200 комплети постелнина. Возилата на Црвениот крст беа ставени во функција за транспорт на повредените лица од Кочани до Скопје. Беа отворени линиите за донации, онлајн-платформата. Црвениот крст е во контакт со партнерските друштва од земјите во кои се лекуваат настрадани од пожарот и им се обезбедува поддршка на семејствата. Особена поддршка е понудена од Црвениот крст на Србија, Бугарија, Словенија, Грција и од Хрватска.
Црвениот крст учествуваше и во организацијата на погребот на починатите, а останува посветен и во делот на давањето психолошка поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Планинарката Ивона која загина во пожарот е ќерка на единствената пожарникарка во Кочани, колегите тагуваат

Дваесет и едногодишната Ивона Антова – планинарка која загина во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е ќерка на единствената жена пожарникар во Кочани.
Деновиве на социјалните мрежи се споделува нивната трагична приказна. Мајката на Ивона, Стојка е единствената жена-пожарникар во Доброволното противпожарно друштво Кочани, кадешто членувале заедно со нејзиниот сопруг Тоше.
Доброволното противпожарно друштво во Кочани неодамна раскажа дека ноќта на 16 март биле на браникот. И покрај сите околности, десетина нивни членови со две возила скокнале во огнот, волонтерски, а сцените кои ги затекнале вечно ќе им бидат врежани во сеќавањата.
„Секој од нас загуби по некој близок, познаник, пријател, другар а нашите членови, сопружниците Тоше и Стојка го загубија најмилото – ќерката единец Ивона. Изразуваме искрено сочувство во ови болни и тешки моменти за сите жртви и оние кои се борат за живот. Вечна им слава!“, напишаа од Доброволното противпожарно друштво во Кочани.
Претходно и Федерацијата на планинските спортови на Македонија (ФПСМ) изрази најдлабоко сочувство до семејствата на сите жртви од катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани. Од Федерацијата по пожарот известија дека во големата трагедија животот го загубија и младите планинари Ѓорѓи Величков и Ивона Антова.
Планинарите велат дека Ивона била ведро дете, секогаш насмеано, и зрачела со позитивна енергија. Пасијата кон планината ја наследила од родителите.
Македонија
Млад кумановец возел со 1,52 промили алкохол во крвта, приведен е

Полицијата го приведе 21-годишниот кумановец И.И поради возење под дејство на алкохол.
Според информациите од МВР, ова се случило по полноќ на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во населба Доброшане.
По преземените мерки, било констатирано дека има 1,52 промили алкохол во крвта.
Тој веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Против него ќе биде поднесена пријава за безобѕирно управување со моторно возило.
Македонија
Филипче за Рамазан Бајрам: Заедништвото и солидарноста се нашата сила за справување со предизвиците

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед по повод големиот верски празник Рамазан Бајрам.
Во честитката претседателот на СДСМ, Филипче истакна дека овој свет празник потсетува на основните вредности за меѓусебно почитување, солидарност и хуманост, кои се основа врз кои треба заеднички да ја градиме нашата иднина.
„На сите припадници од исламската вероисповед им го честитам големиот празник Рамазан Бајрам, со искрени желби за здравје, радост и благосостојба. Овој свет празник нè потсетува на основните вредности за меѓусебно почитување, солидарност и хуманост.
Во духот на овие вредности, заедно можеме да ги надминеме сите предизвици и да градиме подобра иднина за нашата држава и за граѓаните.
Северна Македонија е пример за заедништво, заеднички живот и почитување на различностите, и токму тоа ја прави посилна и побогата. Затоа, овој празник нека ни биде потсетник дека со почит, заемна помош и поддршка, можеме да изградиме поправедно и еднакво општество за сите.
Нека овие празнични денови ви донесат здравје, мир, среќа и духовна исполнетост. Честит и за многу години Рамазан Бајрам.“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.