Зошто денот во спомен на работниците од Чикаго, Америка не го слави на 1 мај?

Меѓународниот ден на трудот (1 Мај) се слави како меѓународен празник на работничкото движење и се одбележува како спомен на големите работнички протести одржани во Чикаго на 1 мај 1886 година.

На овој ден во 1886 година стотици илјадници американски работници излегле на улиците на Чикаго барајќи осумчасовно работно време.

Тогаш во судирите со полицијата загинале неколку работници, а осум работници биле осудени на смрт.

Експлоатација на работниците

Замавот на индустријализацијата во 19 век ја обележал бездушната експлоатација на работниците. Ниските плати и повеќечасовната секојдневна работа, од 12, па и 18 часа за возрасни, па и за деца, ги исцрпували луѓето кои во сите земји на развиениот капитализам со штрајкови барале подостојни услови за работа и живот. Штрајкувачките движења се одржале во земјата со најбрзо растечката индустрија – САД.

Кулминацијара се случила на 1 мај 1886 година, кога во Чикаго протестирале околу 40.000 работници, истакнувајќи ги барањата симболизирани во 3 осумки: 8 часа работа, 8 часа одмор и 8 часа културно образование. Властите на нив испратиле полициски сили кои убиле шест, а раниле околу 50 работници. Многу демонстранти биле уапсени, а водачите на штрајкот биле изведени пред суд. Петмина биле осудени на смрт, а тројца на долгогодишни затворски казни.

Во спомен на ова крвопролевање во Чикаго, на 1-виот конгрес на Втората интернационала во 1889 година, одлучено е на 1 мај секоја година да се одржуваат масовни работнички демонстрации додека работниците не се изборат за правото на достоинствен живот и работа. Веќе следната, 1890 година, овој датум стана Меѓународен ден на општа солидарност на трудот.

Требало да поминат неколку децении за работниците, пред сѐ, во демократските земји, со дејствувањето на сѐ посилните синдикати да се изборат за своите права спогодувајќи се со работодавците со посредство на државата.

Каде сѐ се одбележува?

Меѓународниот празник на трудот е државен празник во над 80 земји во светот. Иако во многу земји во светот се слави на 1 Мај, постојат разлики. Во Велика Британија и Ирска, овој празник не е одреден на 1 мај, туку се одбележува во првиот понеделник во мај. Денот на трудот го слават и Канада, Австралија, Нов Зеланд и Холандија, но на различни датуми, во зависност од тоа како настанал празникот во тие земји.

Соединетите Американски Држави не го одбележуваат настанот во Чикаго, но Денот на трудот се слави во првиот понеделник во септември. Некои веруваат дека причината за ова е да се избегне одбележувањето на немирите што се случија во 1886 година. Други се поблиску до теоријата дека САД се обидуваат да го избегнат празникот усвоен од страна на комунистите и социјалистите како нивен примарен празник.

Сепак, Денот на трудот на овие простори го доживува својот полн дури со доаѓањето на комунистичките власти кога тој станува еден од централните државни празници.

И во нашата земја, Меѓународниот ден на трудот има статус на празник. Притоа, до 2006 година, тој се празнуваше 2 дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден.

 

 

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави