Уште еден мурал во Скопје кој потсетува на потребата од солидарност и заедништво

Од „Акто Фестивал“ информираат дека муралот, кој се реализираше во март во Скопје, на зградата на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, побуди позитивни чувства и кај соседните згради така што резултираше со уште една иницијатива за реализација на друг мурал, како вид заокружување на целиот проект и подарок кон станарите.

Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со уметникот Доротеј Нешовски, овој пат реализираа мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!“.

„Со овој мурал, фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување“, информираат од „Акто Фестивал“.

Преземајќи го извадокот од песната за солидарност од авторот Бертхолт Брехт, велат тие, идејата е да се воспостави траен повик дека со поддршката, разбирањето и постапките на заедницата можат да се создадат иницијативи и услови кои што ја ослободуваат истата заедница од повеќето форми на опресија и рестрикција, водејќи кон поздрава и поволна состојба на живеење.

„Серијата мурали во Скопје, Прилеп и Кичево, од коишто два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода, со надеж дека долго време ќе останат визуелен потсетник за неопходноста на борбата за да дојдеме до истите – со силата на заедништвото“, соопшти „Акто Фестивал“.