Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

OhridPress на лице место: До каде е изградбата на автопатот Охрид-Кичево (Фото/Видео)

Охрид, 7. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Една деценија по почетокот на работите, автопатот Охрид-Кичево и понатаму не е готов и останува една од топ-темите на жителите на овој дел на државата.

Екипа на OhridPress денеска го помина овој патен правец и преку фотографии и видео Ви доловува точно до каде се градежните работи.

Автопатската делница Кичево-Охрид е дел од Коридорот 8 во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра, односно далеку над првично предвидените 374 милиони евра.

Работите за изградбата на овој автопат започнаа во февруари 2014 година, по што рокот беше поместен за 2018 година, односно подоцна за  јуни 2021 година. Следното ветување беше до крајот на 2023 година, а последното беше дека до 2024 година ќе се вози по автопатот Кичево-Охрид.

Изградбата на автопатот Кичево Охрид трае веќе полна деценија и останува една од топ темите во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе.

Читателите на OhridPress во повеќе наврати го искажуваат својот револт од состојбата и потсетуваат на огромните средства кои се потрошени и прашуваат кој ќе сноси одговорност и ќе ги врати вишоците на исплатени пари. Тие бараат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука