Република Српска Македонија

Во изминатите неколку години,каде што активно се занимавам со анализа и коментирање на македонските внатрешно-политички, но и надворешно-политички настани и собитија, кои имаат директни рефлексии околу предвидената траекторирана евроатланска иднина на земјата, често пати заземав став кој за многумина беше нејасен. Или пак, намерно се правеа дека не може да го разберат. Имено, кога стануваше збор за прифаќањето на Преспанскиот договор и т.н „францускиот предлог“ со кој треба(ше) да се тргне бугарското вето исправено пред продолжување на нашите евроинтеграции, односно започнување на ефективно преговарање со ЕУ,  преку отворање на поглавјата, после скоро дводецениски застај и блокада, велев дека двата договори се непринципиелни, неевропски и надвор од Копенхашките критериуми, но и дека двата се издејствувани под силен и жесток европски, особено американски дипломатски притисок, како единствен можен начин да се притиснат своите две земји членки на ЕУ и НАТО, Грција и Бугарија да ретерираат од блокадите кон соседната земја Македонија, која беше претендент за нова НАТО членка, и сега остана да претендира за полноправна членка на ЕУ. Едноставно, за жал, тоа беше начин балканските земји членки да ретерираат од своите ригидни позиции во суровиот меѓународен свет на дијалектиката на меѓународните политички односи.

Кој е предавник, а кој патриот?!

Нема да навлегувам во целокупноста на вчерашното интервју меѓу лидерите на најголемите политички партии кај нас, на една наша национална телевизија, за тоа што дискутираа Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, околу нивните програми и ветувања за идниот четиригодишен мандатдоколку ја добијат довербата на македонските граѓани, бидејќи ќе треба цела статија да се напише,само ќе се осврнам на обвинувањето на лидерот на опозициијата кон довчерашниот премиер за поддршката на францускиот предлог, и пред тоа на Преспанскиот договор како „предавство на националните интереси“. Имено Мицкоски , ги спомена (по добро), претходните премиери од Љубчо Георгиевски до Никола Груевски, заедно со Црвенковски, Костов и Бучковски, дека „не случајно“ не се зафаќале со решавање , односно прифаќање на некаков си договор во однос на спорот со името со јужниот сосед или во уредување на односите со источниот сосед Бугарија. Тонч! Па имено таа кукавичка, манипулаторска, недржавничка политика на сите погоренабројани, (со исклучок на Љубчо, кој напати има изјавено дека бил пред договор за решавање на спорот со името со поранешниот грчки премиер Костас Симитис, со име Северна Македонија, единствено и само за надворешна употреба ,како замена за навредувачката референца БЈРМ, но немал поддршка од тогашниотлидер на опозицијата Бранко Црвенковски, обвинетдека ќе биде предавник „доколку го смени името“, и дека доколку се решело името во далечната 1999-та , со национален консензус , денес ќесме биле држава членка со децении на НАТО и ЕУ), не доведе до тука и до ова дереџе, односно до никаде! Сите останати со својата политика на мамење, ги урнисаа и ги доведоа позициите на Македонија во однос на надворешно- политичките спорови, таму каде што се, во дупка : најмногу Црвенковски со свесното манипулирање дека „времето работи за нас“, а на практика од година в година работеше против ,се до самитот на НАТО во Букурешт,кога се „свести“ дека после ветото времето и не работело за нас, и дека треба да бараме „компромисно решение“за името и Никола Груевски кој со криминогената антиквизација и преименување на автопатишта, аеродроми , стадиони со ликови на античката историја им даде аргументи в уста на сите грчки политички елити да тврдат дека „ете навистина нивниот северен сосед има иредентистички намери“ кон Грција и нивното историско наследство и минато, оправдувајќи ја на тој начин нивната дотогаш безумна позиција на противење на употреба на нашето уставно име Република Македонија, за која никој нормален во светот немашеразбирање. Тоа, потоа им го даде Груевски на тацна, како нивен против аргумент во блокадата на Македонија за членство во НАТО и ЕУ. Во превод, значи наброените политики на претходниците на Ковачевски и Заев, не само што не се за фалење и потенцирање како аргумент дека се добри, туку се најпредавничките, најуништувачките и најразурнувачките за надворешно-политичките позиции на Македонија, но и за нејзиниот севкупен внатрешен развој.

 

Каде бевме, до каде стасавме

Сто пати сум кажал, дека Македонија, во осамостојувањето во 1991-година започна со ист бруто-домашен производ по глава на жител со балтичката и екс советска земја Летонија, за денес истата 33 години подоцна да има три пати повисок од нашиот,како одамна интегрирана земја во ЕУ и НАТО,и дека по падот на комунизмот имавме двојно повисок бдп по глава на жител од една Бугарија, за денес три децении подоцна Бугарија да има двојно повеќе бруто домашен производ по глава на жител, како одамна интегрирана земја членка на ЕУ и НАТО. Односно бугарските граѓани да се двојно побогати од македонските. Каков и да е, ниту Мицкоски е прост, најмалку Црвенковски, та дури би рекол и Груевски, и покрај тоа што цел живот сум се сомневал во неговата здравствена психосоматска состојба, па да не ги знаат овие податоци.

Едноставно сите тројца се продолжен прст на долгата рака на подземен Белград, од Македонија да направат единствено и само, последна караула на српскиот свет. Односно да биде по економски развој и културен прогрес само една заостаната Вардарска Бановина.

Нивните газди и наредбодавци на север од нас, тоа им го сервираат и наметнуваат како политика за овие наши шампиони со „шутка политика“ да ни го продаваат како највисок македонски патриотизам и одбрана на македонските национални интереси. Од таа одбрана, Македонија ја претворија во Молдавија на Балканот. Последна земја по сите параметри на општествените скалила на мерење на критетирумите за напредок, од држава која можеше да биде пристојно место за живеење. По вчерашното интервју гледам дека не се откажуваат и понатаму од тоа. Наместо европски развиена држава каде што ќе сакате да живеете и да се реализирате животно и професионално, тие ни нудат алтернативана замена на „предавничкото име“ Република Северна Македонија со Република Српска Македонија. И наместо интегрирана во ЕУ , да биде во сојуз со Србија на Вучиќ и Република Српска на Додик. Под контрола на Орбан и Путин. Не благодариме. Такво нешто ниту на крај паметне ни е да прифатиме, ниту пак ќе дозволиме!

Благојче Атанасовски

Back to top button
Close