EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Британскиот возач Ландо Норис ја оствари својата прва победа во Формула 1 за време на изминатиот викенд. Норис беше најбрз на трката за ГН на Мајами и на тој начин конечно го „скрши мразот“ и се радуваше за првпат во својата седма сезона во Мекларен, но на крајот, славата му ја украде Доналд Трамп.

Поранешниот американски претседател и кандидат за „шеф на државата“ повторно ја следеше трката во Мајами и го искористи моментот да ги поздрави своите пријатели во Мекларен, пред се директорот Зек Браун, кој исто така е Американец. При посетата на „гридот“ дури успеа да се поздрави и со Ландо Норис и да му честита, а по трката на „Твитер“ напиша дека токму неговата поддршка за Мекларен некако влијаела на победата.

  • Беше голема чест да ги видам моите пријатели во Мекларен како победуваат на големата трка во Формула 1 во Мајами. Го посетив и го поддржав нивниот болид пред трката – тоа е она што и треба на нашата земја – напиша Трамп, кој очигледно сакаше да добие „поени“ кај Американците за изборите.

Очекувано, медиумите сакаа да „извлечат“ од Норис што е можно повеќе за таа средба.

  • Не го видов Трамп во гаражата пред трката затоа што бев зафатен и се подготвував, но тој дојде, ме виде и ми честиташе. По победата ми рече дека е среќен затоа што ова беше мојата прва победа, па не знам дали ќе дојде на друга трка. Сепак, имам голема почит кон Трамп и ми беше чест што ми честиташе за она што го направив, беше кул момент за мене, истакна Норис.