ВМРО формира коалиција со проруски и антиалбански партии, велат од ДУИ за мораториумот на Мицкоски

од Nikola Popovski

„ВМРО и Мицкоски официјално прогласуваат коалиција со партијата Левица на Апасиев и ЗНАМ на Димитриевски, две партии тесно поврзани со Москва и разни проруски кругови, а познати по своите антиалбански позиции“. Вака велат од ДУИ како реакција на синоќешната изјава на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Како што соопштија од партијата на Али Ахмети, „Мицкоски на митинг во Охрид побара македонско национално единство, без други етникуми во државата, за, како што рече, да се тргне државата од рацете на Албанците“.

-Европскиот фронт го потсетува Мицкоски дека Северна Македонија со текот на времето го отвори патот за еднаквост, демократија и членство во големото европско семејство. ДУИ и Европскиот фронт, како мултиетнички фронт во Северна Македонија, нема да дозволат земјата да се врати назад кон меѓународна изолација, а тоа ќе биде запечатено на 24 април и 8 мај, кога Бујар Османи ќе биде избран за претседател, додека Европскиот фронт ќе биде клучот за формирање на идната Влада. Истовремено, ја повикуваме албанската опозиција да се освести и да се усогласи со проевропејците и да не станува алатка на руските кругови во земјата, стои во партиското соопштение на ДУИ.

Мицкоски вчера од Охрид порача дека неговата партија стара мораториум на сите напади кон Левица и ЗНАМ.

-Со Левица и Знам имаме свои разлики. По повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните, кажа меѓу другото Мицкоски на почетокот на кампањата за парламентарни избори.

Засега нема реакции од Левица и ЗНАМ на предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за национално единство.

Слични содржини