Објавена комуникацијата помеѓу судијата и ВАР-собата: „Немаме добра камера“

Не стивнуваат реакциите по шпанското дерби помеѓу Реал Мадрид и Барселона, кое им припадна на Кралевите со 3-2. Од таборот на Каталонците обвинуваат дека не им е признат гол при резултат 1-1, кога судиите не можеа да проценат дали топката со целиот свој обем ја минала гол-линијата пред Лунин да ја врати во поле.

Сега е објавена и комуникацијата на главниот судија со ВАР-собата, која е во најмала рака контроверзна бидејќи и ВАР-судиите признаваат дека немаат добар агол за да видат дали е гол, а во Шпанија не се употребува системот гол-технологија, која на часовникот на судијата му сигнализира дали топката ја минала гол-линијата.

Сото Градо: „За мене таа топка не е во гол.“

ВАР: „Ајде да погледнеме, чекај малку, не им давај да го изведат корнерот.“

Сото Градо: „Чекам. Не, нема гол-технологија. Чекам. Чекам на ВАР. Можеби беше гол. Гледаат. Не, немаме гол-технологија.“

ВАР: „Серџо сопри во моментот кога топката удира во рацете на Лунин и тргни од тука. Чекај секунда, правиме триангулација бидејќи немаме снимка.“

Сото Градо: „Сè уште не знаеме.“

ВАР: „Овој играч го покрива телото на Лунин, во ред? Чекај малку. Сè уште бараме доказ. Оваа снимка не е добра, ниту оваа, ниту овој агол не е добар, не се гледа ни тука. Следниот. Ништо и од тоа, ниту ова не е добро.“

Сото Градо: „Без брзање, ова е многу важна одлука, без брзање, погледнете ги сите камери.“

ВАР: „Немаме веќе камери. Можеме да потврдиме дека немаме други камери.“

Сото Градо: „Ние не се брзаме. Можеме да чекаме. Најдобро да чекаме.“

ВАР: „Цесар, одиме со корнерот, немаме доказ дека топката влезе во голот, затоа одиме со корнерот. Нема доказ дека топката влезе во голот. Корнер.“

- Оглас -

Најнови вести