Влаховиќ: Сакам да освојам нешто важно со Јуве, па после тоа ќе зборуваме за трансфер…

Душан Влаховиќ веќе навикна да биде на насловните страници на спортските медиуми, српскиот голгетер повторно е поврзуван со Челси и со ПСЖ, но тој јасно става до знаење дека нема намера да си замине од Јувентус во текот на летниот преоден рок.

Влаховиќ веќе преговара за потпис на нов договор со „старата дама“, не криејќи дека желба му е да стигне до позначаен успех токму како член на најтрофејниот италијански клуб.

„Слушам различни гласини, читам се и сешто по весниците, но не знам ништо за тоа. Свесен сум дека таква е реалноста, па настојувам само да размислувам само за себе, за следниот тренинг, следниот натпревар и да имам што подобра сезона. Каде ќе играм следната сезона? Минаа две години и многу сум среќен во Јуве. Тоа е мојот одговор, сакам да освојам нешто важно со овој клуб, па потоа ќе размислувам за нешто друго“, порача Влаховиќ.

Тој пристигна во Јувентус од Фиорентина во трансфер вреден почетни 70 милиони евра и од самиот почеток бил воодушевен од она што го видел во Торино.

„Уште пред да дојдам знаев дека одам во голем клуб, но она што го дочекав беше поразлично од она што го очекував. А го очекував најдоброто, но од првиот момент увидов што всушност значи да се биде дел од голем клуб. Само кога ќе стапнеш во спортскиот центар, веднаш ја чувствуваш таа енергија, чувството дека си дел од едно големо семејство, желбата за победа“, вели Душан Влаховиќ.

Се вчитува...