Ваљадолид му посака добредојде на Карапалевски: Тој е интелигентен играч со богато искуство и голем потенцијал

Шпанскиот ракометен прволигаш Ваљадолид денеска официјално го промовираше новото македонско засилување – Мартин Карапалевски кој од следната сезона ќе ја зголеми македонската колонија во АСОБАЛ лигата.

Карапалевски кој игра на позиција среден бек во Ваљадолид се сели од Вардар на препорака на поранешниот тренер на „црвено-црните“, а сегашен предводник на шпанскиот клуб, Давид Писонеро кој не го криеше задоволството од ангажманот.

„Мартин е македонски среден бек кој го знам од Светското првенство за кадети што се играше во Скопје. Јас сум тој што го внесе во првиот тим на Вардар. Тој е млад играч со голем потенцијал, со искуство од Лигата на шампионите, Лигата на Европа, СЕХА лигата и македонското првенство, со неколку добри сезони зад себе. Карапалевски не е висок, но е интелигентен играч, кој е добар во играта „еден на еден“, како и во играта со пивот. Се надевам дека ќе расте во Ваљадолид“, изјави Писонеро.

Се вчитува...