Томовски: Ќе биде пеколно тешко против Фарски острови

Македонската ракометна репрезентација во полн ек ги има последните подготовки пред бараж двомечот против Фарски острови за пласман на Светското првенство во 2025 година. Фарски острови беа едно од најпријатните изненадувања на последното Европско првенство, покажувајќи квалитет и затоа не смее да се потцени овој ривал.

Во голема мера, успехот на Македонија ќе зависи од одбраната, каде една од диригентските палки треба да му припадне на Мартин Томовски. Голманот верува дека Македонија ќе го продолжи континуитетот со пласман на големите натпреварувања, но никако не го потценува ривалот.

„Името и традицијата велат дека се неатрактивни, но ќе биде пеколно тешко. Најважно е што здравствениот билтен е одличен и сите ракометари се физички подготвени да одговориме на барањето на селекторот и верувам со ќе имаме успешен дел и ќе се пласираме на СП. Играта ни е позната, сме имале голем број на противници со тој стил на игра. Тактички ќе одговориме, мораме да ја стопираме брзата транзиција, главен адут им се средниот и левиот бек, но сите останати ракометари со исто добар квалитет, играат во добри лиги. Гледавме натпревари играат седум на шест, сите добро го познаваме тој дел ќе знаеме да одговирме на барањето. Клучна ќе биде добрата одбрана, на која да се стремиме, верувам дека можеме да радуваме на крајот“, изјави македонскиот репрезентативен чувар на голот, Мартин Томовски.

Првиот меч од баражот ќе се игра на 8 мај во Фарски Острови, а реваншот е четири дена подоцна во Скопје, кога и ќе биде познат патникот на следниот Мундијал.

- Оглас -

Најнови вести